Американскиот претседател Џо Бајден ќе испрати дополнителни 2.000 американски војници во Европа. 1.700 војници ќе бидат распоредени во Полска, а остатокот во Германија, додека 1.000 војници од моменталниот контингет во земјата веднаш ќе заминат во Романија, каде веќе има 900 војници. Информацијата за распоредување на дополнителни американски сили ја соопшти Пентагон, од каде што тврдат дека тие нема да се борат во Украина, туку нивната цел е зацврстување на безбедноста на американските сојузници во Европа.
Овие распоредувања се неоспорен сигнал до светот дека ние сме подготвени да ги засилиме нашите НАТО сојузници, да спречиме и одбраниме од било каква агресија, порача портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Пентагон исто така соопшти дека и останатите НАТО сојузници се подготвуваат или веќе спраќаат свои контингенти за да го засилат источното крило на Алијансата. Како дел од НАТО распоредувањата Франција испрати свои војници во Романија, Данска распореди една фрегата и неколку Ф-16 ловци во Литванија, а Шпанија испрати 4 ловци и три борбени бродови во Бугарија, каде во април оваа година ќе пристигнат уште два Ф-35 ловци од Холандија.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој изминатиов период неколку пати разговараше со Владимир Путин, изјави дека приоритет на неговата земја е деескалација на состојбата преку дипломатски средства.
Очигледно сум длабоко загрижен поради ситуацијата на терен. Изминативе денови имав многу разговори со моите европски колеги, со претседателот Путин во неколку прилики, а во следните неколку часа ќе разговарам и со претседателот Бајден. Во секој случај, ние сме во процес на пронаоѓање на заеднички јазик, оцени Макрон.
Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, распоредувањето дополнителни американски војници во Европа го нарече деструктивен чекор, кој ги зголемува тензиите и ги намалува шансите за пронаоѓање политичко решение.
Претходно рускиот претседател Владимир Путин ги обвини САД дека се обидуваат да ја вовлечат неговата земја во војна со Украина и новата конфронтација да ја искористат како оправдување за воведување нови санкции против Русија.
Игор Трајков
