Процесот на отворање на гасоводот Северен тек 2 може привремено да биде запрен во случај на руска инвазија на Украина, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„Сакам да бидам многу јасна: ништо не е невозможно, сите опции се отворени“, изјави Фон дер Лејен за Си-Ен-Ен, одговарајќи на прашање за можно запирање на процесот на отворање на гасовод за транспорт на гас од Русија до Германија.
Во исто време, продолжува дипломатската борба за ублажување на кризата што ја создаде Русија со распоредување на околу 100.000 војници долж границата со Украина.
„Комисијата е одговорна за изготвување, обликување и заострување на санкциите (кон Русија) – на финансиско, економско и технолошко поле“, рече Фон дер Лајен.
Европската унија е најголемиот трговски партнер на Русија со околу 40 отсто од трговската размена, а воедно е и најголемиот странски инвеститор со 75 отсто директни инвестиции во Русија, изјави претседателката на Комисијата на ЕУ.
„Овие бројки покажуваат дека имаме силни адути и дека тоа може да биде болно за Русија“, рече Фон дер Лајен за можните потези во случај на руски напад врз Украина.
Претседателката на Комисијата не сакаше да даде детали за пакетот санкции што Европската унија би можела да ги воведе кон Русија.
