Вести Свет

Во Австралија ново олеснување на мерките во пресрет на божиќните празници

Австралиската држава Квинсленд ги отвори границите кон другите австралиски држави за сите вакцинирани лица за прв пат по речиси пет месеци, додека Австралијците се подготвуваат да патуваат низ земјата за време на божиќните празници.

На јужната граница на Квинсленд со Нов Јужен Велс, стотици автомобили застанаа во ред пред да се отворат границите во еден часот по полноќ по локално време.

Квинсленд, третата најнаселена држава во Австралија, ја затвори границата со Нов Јужен Велс во јули, а потоа и за сите патници на Викторија, за да спречи ширење на делта варијанта на вирусот што го измачува истокот од земјата со месеци.

„Ќе живееме со Ковид, но по наши услови“, напиша премиерката Анастасија Палашчук на Твитер кога Квинсленд ја достигна целта од 80 проценти од целосно вакцинирани луѓе на возраст над 16 години,  што беше предуслов за ублажување на мерките.

Авионската компанија Квантас најави дека во понеделник ќе превезе речиси 10.000 патници на сто летови, од кои повеќето се целосно распродадени.

Олеснувањето на мерките за граничниот премин дојде неколку дена пред почетокот на училишниот летен распуст и ќе го поттикне туристичкиот сектор, кој е тешко погоден од затворањето на границите меѓу австралиските држави.

Австралиските држави ги олеснуваат мерките за преминување на границата откако голем дел од населението е вакцинирано, и покрај појавата на нова омикронска варијанта. Тасманија повторно ќе ги отвори своите граници за другите држави оваа недела, додека Западна Австралија ќе ги објави своите планови во понеделник. Јужна Австралија ги отвори своите граници кон крајот на ноември.

Австралија регистрирала 229 илјади случаи на зараза со Ковид 19, а починале 2104 луѓе, што е многу помалку од другите земји со кои може да се спореди. Досега во земјава се откриени 70 случаи на варијантата Омикрон, најмногу во градот Сиднеј.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рокас се надева на скоро решение за и Македонија да го фати чекорот на проширувањето

Tea Dimkovska

Брисел го забрзува темпото на проширувањето со денешниот „Супер вторник“ како „највозбудлив“ доказ

Tea Dimkovska

Костадиновски: Имаме сериозно примитивна политичка култура

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе