Вести Свет

Што ќе прави Меркел по 16 години на чело на Германија?

По шеснаесет години на чело на Германија, првото нешто што Ангела Меркел сака да го направи по повлекувањето од политиката е „да спие малку“. Но, што ќе прави после тоа?

Долгогодишната канцеларка не зборуваше многу за своите планови откако на 8 декември му ја предаде власта на социјалдемократот Олаф Шолц, пишува Франс прес.

Во четирите мандати, 67-годишната Меркел често ја нарекуваа најмоќната жена на светот, но таа неодамна навести дека нема да и недостига моќ.

„Брзо ќе сфатам дека сега е туѓа одговорност. И мислам дека ќе ми се допадне“, рече таа при посетата на Вашингтон ова лето.

Позната по својата издржливост и способност да остане свежа по целоноќните состаноци, Меркел еднаш рече дека може да го складира спиењето како вода од камила.

Но, на прашањето во главниот град на САД за пензионирањето, канцеларката одговори: „Можеби ќе се обидам да прочитам нешто, па очите да почнат да ми се затвораат затоа што сум уморна и ќе заспијам“.

Меркел, која стана пратеник набргу по обединувањето на Германија во 1990 година, исто така неодамна изјави дека никогаш немала време да размислува што друго може да направи.

„Никогаш не сум имала нормален работен ден, па природно престанав да се прашувам што ме интересира надвор од политиката“, рече таа за време на заедничкото интервју со нигериската писателка Чимаманда Нгози Адичи.

„Имам 67 години и не ми останува неограничено време. Тоа значи дека треба добро да размислам што сакам да правам во следната фаза од животот.

„Дали сакам да пишувам, дали сакам да зборувам, да планинарам, да останам дома, да патувам низ светот? За почеток, решив да не правам ништо, па ќе видиме што ќе се случи“.

Нејзините претходници не останаа долго во сенка по напуштањето на функцијата. Хелмут Шмит, канцелар до 1982 година, стана еден од уредниците на неделникот Ди Цајт и популарен политички коментатор.

Хелмут Кол отвори своја консултантска фирма, а Герхард Шредер стана лобист и шеф на одборот на директори на рускиот нафтен гигант Роснефт.

Германскиот писател Дејвид Сафиер замислил повозбудлива иднина за поранешната канцеларка во неговиот роман „Госпоѓица Меркел“, во кој таа го прекинува своето пензионирање за да истражи мистериозно убиство.

Меркел би можела да посака да поминува повеќе време со нејзиниот сопруг Јоаким Зауер во Хоенвалде, селце во близина на градот Темплин во поранешна Источна Германија, каде што пораснала и има куќа.

Таму би можела да се посвети на одгледување зеленчук, особено компири. Во интервју за магазинот Бунте во 2013 година, таа изјави дека особено ужива во тоа.

Позната е и дека е обожавател на вулканскиот остров Д’Искиа во близина на Неапол и градот Сант Анџело.

Меркел би можела да оди и на турнеи за јавно говорење на голем број универзитети, од Сеул до Тел Авив, каде и се доделени почесни докторати.

Меркел ќе добива пензија од 15.000 евра месечно, покажуваат пресметките на германското здружение на даночни обврзници. Но, таа никогаш не била расипничка. Додека ја водеше најголемата европска економија, таа живееше во стан на четврти кат во Берлин и честопати сама одеше во самопослуга.

Во 2014 година, канцеларката дури го однела и кинескиот премиер Ли Кечијанг во нејзиниот омилен супермаркет по билатерален состанок.

Затоа, можно е некогаш најмоќната жена на светот едноставно да минува мирни вечери дома, пиејќи го омиленото бело вино со нејзиното омилено јадење – супа од компири.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

НЛБ Банка и Прагма продукција ја најавија големата летна концертна сезона 2026

Sonja Petrusevska

Условна казна затвор за екс претседателката на Антикорупциска Taтјана Димитровска

Tea Dimkovska

Наркодилерот Цуната кој побегна од прозор на полициска станица Кочани во бегство – директорот на БЈБ очекува професионалност

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе