Судот под контрола на воената хунта во Мјанмар ја осуди поранешната лидерка Аунг Сан Су Ќи на 4 години затвор за поттикнување немири и кршење на епидемиолошките мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот.
Су Ќи се соочува со вкупно 11 обвинувања, кои сите ги негираше. Таа е во домашен притвор од февруари кога војската изведе државен удар, рушејќи ја нејзината избрана цивилна влада и затворајќи бројни лидери. Таа тогаш беше обвинета за корупција, бунт и изборна измама.
Поранешниот претседател на Мјанмар и сојузник на Су Ќи, Вин Мјинт од Националната лига за демократија, исто така е осуден на 4 години затвор под истите обвинувања.
Хунтата собра обвиненија против Су Ќи, вклучувајќи и кршење на законите за службена тајност, наводи за корупција и изборна измама.
Портпаролот на новоформираната Влада на национално единство, група која ја сочинуваат продемократски личности и противници на воениот удар, изјави дека Су Ќи не се чувствува добро и оти воените генерали ѝ подготвуваат 104 години затвор, сакајќи таа да остане таму до крајот на животот.
Мјанмар тоне во насилство и хаос по воениот удар. Според активистите за човекови права, повеќе од 1.300 луѓе се убиени, а над 10.000 биле уапсени за време на протестите против хунтата.
Војската го оправда своето преземање на власта во оваа југоисточно-азиска земја со наводна измама на парламентарните избори во 2020 година. На ноемвриското гласање пред една година, партијата Национална лига за демократија (НЛД) на Су Ќи оствари јасна победа на изборите.
Мартин Николовски
