Македонија Топ вести

Пропусти има со Беса Транс, но нема одговорност за државни институции

Многу детали и податоци за многу новооткриени пропусти и грешки со превозникот Беса Транс, но малку надеж дека некој од надлежните е одговорен за пропустите кои претходеа на трагедијата и 45-мината загинати луѓе. На денешната прес конференција дознавме дека Беса имала 8 пријави за непочитување на ковид протоколи, а министерот Спасовски пак рече дека автобусот не е нов туку стар 14 години. За сопствениците на Беса транс кои никаде ги нема, првиот полицаец тврди дека се тука без да наведе детали, освен што потврди дека во моментот се врши истрага.

Овие лица се достапни, тука се, се разговара со нив врз основа на наредби кои што ќе ги дадат од страна на ОЈО. Секако дека тука ќе има разговори и со патниците од другите автобуси, кои што биле вечерта во таа група на автобуси. Меѓутоа ги чекаме наредбите и врз основа на наредбите да постапуваме, затоа што сето она за што не се постапува, не се прибира како материјал, согласно наредбите од надлежните органи, не се користи како доказен материјал, рече Спасовски.

Пропусти се утврдени и се веќе познати, транспортните фирми не ги пријавувале и лиценцирале сите автобуси, но во превозот и на граница немале никаков проблем да поминат. Законот го прекршувале сопствениците, а одговорност за тоа што се случувало, засега нема во редовите на државните институции, освен двајца суспендирани цариници, одговорија министрите.

Секој што сака да врши одредена дејност во транспортот треба да достави комплетна документација. Ако правното лице ги прекршувало одредбите од законите, треба да сноси одговорност. Од она што досега го истраживме внатре, нема ниту едно прекршување во Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски.

Сите документи кои ги бара обвинителството се предадени, а се преземаат и други постапки по наредба на обвинителството, уверуваат министрите Спасовски и Бочварски. МВР пак отворило посебна истрага, оперативна обработка која сега ќе истражува дали транспортните фирми ги почитуваат законите, дали автобусите се соодветно лиценцирани, дали возачите имаат лекарски уверенија. На крајот ќе се знае колку безбеден транспорт имаат граѓаните на Македонија, откако 45 од нив со живот ги платија пропустите.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Силјановска Давкова: Она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе