Вести Свет

Путин на средба со Вучиќ: Ќе се најде прифатливо решение за цената на рускиот гас

Рускиот претседател Владимир Путин на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во Сочи изјави дека ќе се најде решение за цената на рускиот гас, што ќе биде прифатливо за Србија и му посака на Вучиќ успех на следните избори во април.

– Знам дека особено Ве загрижуваат некои прашања поврзани со истекувањето на договорот за купопродажба на гас. Мислам дека ќе се договориме, ќе им наредиме на одговорните субјекти да ја завршат таа работа. Во секој случај, ќе најдеме такво решение кое секако ќе биде прифатливо за нашите српски пријатели, изјави Путин.

Во моментов во сила е договорот меѓу „Србијагас“ и руски „Газпром“, но истиот истекува на крајот на оваа година, во време што е особено проблематично поради големите турбуленции на енергетскиот пазар. Цената на 1.000 кубни метри гас сега на берзата надминува 1.000 долари, додека Србија според важечкиот договор за иста количина одвојува 270 долари.

Путин кажа дека во април ќе има избори во Србија, а на Вучиќ му посака успех.

– Сакам да изразам благодарност за вашето лично внимание на развојот на руско-српските односи, рече Путин, изразувајќи надеж дека гласачите тоа ќе го поддржат.

Вучиќ му се заблагодари на Путин што најде време за средбата, и покрај пандемијата со коронавирусот.

– Верувам дека односите меѓу Србија и Русија се на највисоко ниво, дека двете земји се стратешки партнери и дека односите меѓу двете земји се развиваат во сите области, кажа Вучиќ, изразувајќи голема благодарност за руската поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија.

Путин наведе дека соработката во борбата против коронавирусот е позитивен момент во билатералната соработка и доказ за взаемна доверба.

– Мило ми е што можам да констатирам дека не само што ја испорачавме вакцината Спутник В, туку е организирано и производство и во Белград, што е исклучително важно за Србија и околните земји во кои можете да извезувате. Ова е исклучително позитивен момент од нашата соработка, што зборува и за взаемна доверба и длабока соработка, изјави рускиот претседател.

Путин ја истакна и важноста на воено-техничката соработка меѓу двете земји, како и соработката на меѓународната сцена.

– Што се однесува до Косово, знаете дека позицијата на Русија е принципиелна и не подлежи на актуелната политичка ситуација. Го поддржуваме вашиот став кога станува збор за решавање на косовскиот проблем и се надевам дека ќе се реши со исполнување на интересите на сите луѓе кои живеат таму, кажа Путин.

Вучиќ, кој цело време зборуваше руски, рече дека воено-техничката соработка е на највисоко ниво и се заблагодари на Србија за „убавите подароци“.

– Мислам дека ќе имаме нови договори во различни области, додаде тој.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вечерва отворање на изложбата „ Трага во времето“ за 10 години Национален џез оркестар

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Изнуденото извинување не го брише срамот на Мицкоски, тоа ли е премиер, професор, пример за младите?

Дејан Дејан

Обвинителството отвори истрага за синот кој му нанел 30 убоди со нож на татко си кој претходно ја нападнал мајката на 30-годишникот

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе