Македонија Топ вести

Заминаа на пат без враќање

Пред само еден ден, уживаа во убавините на Истанбул. Последната фотографија на четиригодишните близнаци Луан и Албан Ахмети, нивните родители ја објавиле синоќа, пред да тргнат на кобниот пат. Смртта ги затекна во прегратките на мајка им, која безуспешно се обидувала да ги спаси од огнот и да излезе нив влезната врата од запалениот автобус. Луан и Албан се најмладите жртви во страотната сообраќајка, во која прерано згаснаа 45 млади животи.

Кусата оддишка од училишните обврски заврши кобно и за петмина ученици. Утрово молкна  ѕвончето во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во скопски Чаир. Сите од иста фамилија, загинаа во запалениот  автобус.

А по факултетските ходници никогаш повеќе нема да чекори студентката Албена Белули. Во петокот во Истанбул ја славеше веридбата и  дваесет и седмиот роденден на Газменд Укали од Кичево, вработен во кабинетот на кичевскиот градоначалник. Нивните роднини нема да дочекаат свадба.

Најголема загуба претрпе фамилијата Јахи од Скопје-Север. 10 члена не го преживеаја кобниот пат.  „Ми изгоре цело семејство”, едвај прозборе нивни роднина.

Студеничани загуби четворица сожители. Мајката и учителка Фикрије Исени, ја однела својата ќерка Аниса на заедничко патување. Но, наместо незаборавни спомени, донесоа тага во семејството.

Меѓу жртвите се и 21-годишната Јехона Сали и 27 годишната Сумеја Брава. Роднините бараат одговори и за 54-годишниот Ибрахим Рустеми и неговата сопруга Февзије.

54 годишниот  Мемеди Кадри е еден од возачите на автобусот. Но, не се знае дали во моментот на несреќата тој бил зад воланот или неговиот колега Љупчо Зафиров на нивната последна рута во која и двајцата загинаа.

Љуљзим Сулејмани од Прешево е единствениот српски државјанин кој бил во автобусот на смртта, но е меѓу седумте преживеани. Се претпоставува дека на сликата е неговата свршеница од Куманово, 25 годишната Медина Лутфи, која исто така се спасила. И двајцата се во болница во Софија и се во добра здравствена состојба. Преживеани се и 16 годишната Зулехја Јашаровска, 49 годишната Ѓила Јашаровска, 50 годишниот Минир Јашаровски, 49 годишниот Ебиб Пајазитовски и 46 годишниот Орхан Алити, државјанин на Белгија.

Далиборка Дамјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Без договор за Изборниот законик

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Голем шумски пожар во Канада, небото жолто, воздухот е најлош во светот

Kristina Kuzmanovski

Седница на ЕСС – ќе се разговара ли за ублажување на растот на цените на храната?

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе