Новите анти-ковид мерки предизвикаа немири и протести во европските метрополи кои ескалираа со судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Протести избувнаа во Австрија, Италија, Холандија и Хрватска, а во Белгија протестот се претвори во насилство каде што демонстрантите фрлаа со проектили а полицијата ги растеруваше со водени топови и солзавец.
Во Холандија која воведе тринеделно делумно затворање откако забележа рекордно зголемување на случаите на ковид, се протестираше во повеќе региони. Неколку стотици демонстранти запалија автомобили, огномети и фрлаа камења врз полицијата за време на протестот. Полицијата соопшти дека во протестите пет полицајци биле повредени, а најмалку 64 лица биле уапсени.
Демонстрации имаше и во Австрија каде што 35.000 луѓе се собраа да изразат незадоволство од новите ограничувања на владата за воведување на задолжителна вакцинација за сите граѓани од 1 февруари наредната година, како и целосно заклучување на земјата за невакцинираните со што на речиси 9 милиони Австријци им е забрането да ги напуштат своите домови, освен за работа и купување на храна. Ограничувањата во Австрија ќе важат 20 дена, а нова проценка на епидемиолошката состојба ќе донесе владата по 10 дена.
Од регионот во Загреб повеќе од 10.000 луѓе протестираа против воведувањето на потврди за ковид, носејќи знамиња, националистички и верски симболи и транспаренти против вакцинацијата и „ограничувањето на човековите слободи“.
Построги мерки за невакцинираните и забрана за влез во затворените простори како што се кината, театрите, музеите или фитнес центрите, од утрово стапија во сила и во Грција, а грчкиот премиер Мицотакис најави и дека од претседателката на Европската Комисија ќе побара европскиот дигитален сертификат да биде валиден само по примена трета доза.
Мартин Николовски
