Како ќе се спроведува задолжителната вакцинација на јавната администрација, ќе се знае наредната недела. Министерот за информатичко општество, Јетон Шаќири, за Телма објаснува дека прво треба да се почека конкретниот предлог од Министерството за здравство но и препораките што Владата треба да ги усвои на претстојната седница.
Комисијата за заразни болести вчера беше сосема конкретна: препорача сите 130 илјади јавни службеници, што ги вклучува и вработените во здравството и во образованието, задолжително да бидат вакцинирани. Во спротивно, за да дојдат на работа, треба да приложат негативен писиар тест, направен на сопствен трошок, или, доказ дека прележале ковид односно дека не смеат да се вакцинираат.
Препораките беа остро пречекани од Сојузот на синдикати и од Конфедерацијата на синдикални организации. За нив, имунизацијата не смее да се спроведува „на сила“, бидејќи е резултат на личната определба на секој вработен.
Стопанската комора веднаш побара истиот режим да важи и за приватниот сектор, бидејќи работникот треба да биде заштитен на своето работно место, а Сојузот на стопански комори бара наместо репресивни, да има повеќе стимулирачки мерки.
Исти или слични мерки веќе се спроведуваат во повеќето европски земји и во развиениот свет. Од завчера, во Хрватска е задолжителна вакцината за јавниот и државниот сектор, а во спротивно треба да се прави тест два пати неделно. Во Латвија, невакцинираните може да бидат испратени на неплатено отсуство или на работат од дома. Во Унгарија, вакцината стана услов за вработување. Исто е и во Словенија, каде за работа во институции финансирани од државата се бара исклучиво вакцина а не писиар тест. Во Виена, невакцинираните не смеат да влезат во кафулиња, ресторани, па и во фризерски салони. Во Франција, 3 илјади невакцинирани здравствени работници добија отказ. Во САД, вакцинацијата станува задолжителна од 4-ти јануари.
Кај нас, новите мерки треба да стапат во сила 10 дена откако ќе бидат усвоени на владина седница. Институциите треба да назначат одговорно лице кое ќе врши контрола на самиот влез. Во рок од 30 дена, вакцината ќе стане задолжителна за здравствените работници. Какви казни ќе има за оние што упорно ќе ја одбиваат, дополнително ќе се одлучува.
Соња Николовска
