Четвртиот бран на Ковид-19 во Европа се заканува да се претвори во цунами. Но, додека некои земји регистрираат секојдневни црни рекорди на заболени и починати, во други допрва почнуваат да се забележуваат првите знаци. За само една недела бројот на позитивни случаи во Белгија порасна за 27 проценти, на хоспитализации за 21 процент а бројот на пациенти на кои им е неопходна интензивна нега за зголеми за 28 проценти. Белгиската влада стравувајќи дека ситуациајта ќе излезе од контрола воведе нов сет мерки, а белгискиот премиер предупреди дека европската мапа забрзано поцрвенува.
„Првичната обзервација е дека сите предупредувачки сигнали трепкаат црвено. Во нашата земја имаме многу висок број на заболени, исто така бројот на пополнети кревети на интензивна нега се удвои за една недела и гледаме дека ја поминавме црвената линија од 500 пациенти со Ковид-19. Ова е дефинитивно загрижувачки развој.“ – рече Александар де Кру – Премиер на Белгија
Австрија и Холандија воведоа делумен карантин, Чешка и Словачка воведоа построги мерки а Шведска за прв пат од први декември ќе воведе ковид пропусници. Во источно европските земји процентот на вакцинирани е значително понизок од европскиот просек, а значителен дел од општеството отворено се противи и секојдневно протестира против мерките и задолжителната вакцинација
„Ситуацијата е навистина драматична. Јас повторно ве повикувам да се вакцинирате. Ова е навистина себично. Овие луѓе кои не се вакцинираат и завршат во болниците, го загрозуваат здравјето на останатите граѓани.“, изјави Анжеј Бабиш – Премиер во оставка на Полска
Русија беше меѓу првите земји погодени од четвртиот бран, на почетокот на септември. Но, неволноста на владата да воведе построги мерки, заедно со ниската стапка на вакцинација и слободното толкување на протоколите, доведоа до тоа земјата со денови да регистрира над 1.000 смртни случаи на ден. Официјалниот број на починати изнесува нешто повеќе од 259.000, најмногу од сите европски земји, но според државната статистичка агенција, реалниот број е многу повисок и се движи некаде околу 462.000.
Од друга страна се земјите како Италија, Франција и Шпанија, кои беа меѓу најтешко погодените во првиот бран, а кои сега допрва забележуваат зголемување на бројот на позитивни случаи.
Игор Трајков
