Крупна мерка за невакцинираното население утрово препорача Комисијата за заразни болести до Владата. Повеќе од 130 илјади административци за да одат на работа ќе мора да бидат вакцинирани. Во спротивно, ќе мора да одвојат просечно околу 120 евра месечно од свој џеб, само за ПЦР тестирање. Засега нема информации колкав е опфатот на имунизирани административци. И не се само тие опфатени со оваа мерка. Дури до 30% невакцинирани здравствени работници исто ќе имаат обврска да се имунизираат. Нема одговор од здравствените власти што би било во случај дел од медицинарите да останат невакцинирани.
Стопанската комора веднаш предложи оваа мерка веднаш да важи и за вработените во приватниот сектор. Освен административците, сите други вработени да мора да покажат сертификат за вакцинација, негативен тест или потврда за прележана болест во последните 45 дена, се вели во Иницијативата на Комората.
Ја поддржуваме задолжителната вакцинација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаме дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа. Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат, изјави потпретседателката на Стопанската комора Анета Трајковска.
Но, остра реакција за најновите мерки стигна од Сојузот на синдикатите. Тие стравуваат дека на овој начин се делат работниците меѓусебно, а на работодавачите им се дава моќ која законски не смеат да ја имаат затоа што ниту еден работодавач нема право согласно било кој важечки Закон, да го упатува работникот да прави трошоци поврзани со своето здравје.
Вакцинацијата треба и мора да биде резултат на личната определба на работниците и граѓаните и истата не може, и не смее да се спроведува со уцени или присила, е ставот на ССМ.
Поделени ставови околу задолжителната вакцинација има и кај граѓаните.
Мерката за задолжителна имунизација на администрацијата ќе важи десет дена откако Владата ќе донесе одука, односно во период од 30 дена за здравствените работници. Експертите во Комисијата потребата од ваква мерка ја базираат на тоа што болниците мора да работат и може да се избегне преоптовареност со невакцинирани пациенти заболени со Ковид.
Петар Догов
