Вести Македонија Топ вести

7 години од прегазувањето на тинејџерот Иван Билински, судењето не е завршено, Врховен го поништи првото, а обвинетиот е во Австрија и целиот случај може да застари

Денеска се навршуваат 7 години од трагичната смрт на 15-годишниот Иван Билински од Скопје, кој беше прегазен на пешачки премин на булеварот кај скопскиот Млечен ресторан (во близина на католичката црква).

Судењето за оваа трагична сообраќајна несреќа се уште е во тек откако Врховниот суд ја поништи првата пресуда поради пропусти во постапката. Родителите на синот единец дознале по пошта.

-Ни дојде покана за поштенска пратка и јас заминав во поштата да ја земам. Гледам дека е од суд и всушност внатре стоеше покана до мене за ново рочиште и за ново судење. Тогаш разбрав дека Врховниот суд ја поништил пресудата. Да не беше поштарот кој можел и да ја фрли поканата за пратка, немаше да знам ништо дека пак ќе има судење за Иван. Тоа беше во април оваа година, а првото рочиште беше откажано поради ковид-изолација на судијката, ни објаснува Перса Билинска, мајка на прегазениот Иван.

Досега се одржани 4 рочишта од новиот судски процес. Сите се одржуваат без обвинетиот за предизвикувањето на сообраќајната несреќа Џенис Мекиќ. Неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ не знае каде е и нема никаков контакт со семејството на Мекиќ.

Но, ниту полицијата го наоѓа Мекиќ и во достава до судот пишува дека обвинетиот е надвор од државата и е во Австрија. Судот одлучува да му суди во отсуство.

Сега и доколку во отсуство обвинетиот биде осуден, ако се врати назад во Македонија има право да бара повторување на процесот. Со повторувањето и укинувањето на првата пресуда од страна на Врховниот суд, полека истекува времето за пресуда и целиот случај може да застари. Законските рокови за застарување се десет години од денот на кривично-правниот настан, а досега веќе поминаа 7 години.

Врховниот суд ја поништи првата пресуда од 2 и пол години затвор поради пропусти во постапката на сметка на обвинетиот, чиј адвокат и натаму тврди дека предизвикувач на несреќата е друг возач со црвена хонда иако обвинителството прибра докази дека Иван е удрен со Туарегот и им подлегнал на повредите во Клинички центар.

-Многу ни е тешко, не знам што е со судството, срамно ни е шшто ни се случува. Попуштивме и со здравјето. Од несреќата до денес преживеав два мозочни удари, ни изјави Стево Билински, татко на загинатиот Иван.

Прилог за овој судски случај кој е спор и може наместо правда да донесе застарување беше прикажан во емисијата КОД на 14.11.2021. ден пред седумгодишнината од трагедијата.

Во емисијата беше прикажан и прилог за тешката сообраќајна несреќа на патот Охрид-Пештани која се случи лани летоска и во која две момчиња загинаа, а три девојки беа тешко повредени. Охридскиот суд пресуди условна казна по признание на вина на возачот кој возела 106 наместо 60 км на час како што е дозволено.

Една од повредените девојки сведочеше за КОД за долгото лекување од тешките повреди и долгиот престој во болниците. Во отворено писмо повредената Сташа Богдановска која во себе се уште носи шрафови и плочки за зацврстување на коските ги опиша случувањата од несреќата до несреќната судска одлука и праша зошто судијата не ги заштитил.

-Но човекот, ИНСТИТУЦИЈАТА, која требаше да ми даде потпора, не само мене, на сите гореспоменати и неспоменати, ме/не предаде. Бојан Мартиноски не изневери. Судијата од Основниот суд во Охрид! Детето од колата знам дека нема да спие мирно можеби никогаш повеќе. А ти, Бојан? Каква ти е совеста? Ни ги уби по втор пат другарите, и заедно со нив нивните фамилии – порача во отвореното писмо Божиновска.

Откако писмото и информацијата беа шерувани на десетици ФБ профили денеска, 35 дена по донесувањето на пресудата, реагираше министерот за правда Бојан Маричиќ кој побара со случајот да се позанимава и судскиот совет и дека треба да биде обезбедена правда.

-Како министер за правда, но, пред сѐ, како човек и родител, не можам да бидам рамнодушен по одлуката на судот, кој пресуди условна казна за сообраќајната несреќс во Охрид, во која две момчиња починаа, а три девојки беа тешко повредени. Очекувам праведна одлука на повисоките судови, а Судскиот совет будно да го следи целиот случај, напиша министерот за правда Маричиќ на својот фејсбук-профил.

Немаше реакција за 7-годишното талкање по правда на семејството Билински кое во неказнета сообраќајка го изгуби синот-единец на 15. ноември 2014-та година.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од понеделник е можно повторно намалување на акцизата за горивата

Sasko Dimovski

Бев тргната за да се спаси имотот на ВМРО-ДПМНЕ, обвинува Ристоска

Sasko Dimovski

Од понеделник можно е повторно намалување на акцизата за горивата – се чека да се види како ќе затворат берзите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе