Вкупниот број на случаи на коронавирус во Германија надмина пет милиони, покажуваат најновите податоци на германската централна агенција за заразни болести.
Институтот Роберт Кох во неделата објави дека се регистрирани 33.498 нови случаи на инфекција, со што вкупниот број на заразени во земјата од почетокот на пандемијата достигна 5.021.469. Дополнително, седумдневната инциденца на 100.000 жители се искачи на 289, што е уште еден негативен рекорд.
Политичките и здравствените власти ги предупредуваат Германците дека би можеле да се соочат со тешки недели соочени со експлозија на нови случаи. Но, и покрај тоа, политичките лидери нема да се состанат пред четврток за да размислат што да прават во услови на растечка епидемија.
Политичкиот одговор на „Ковид-19“ е попречен од фактот што неодамнешниот пораст уследи по националните избори, но пред веројатната идна влада да постигне договор за приоритетите и поделбата на власта, што е предуслов за преземање на функцијата.
„Никогаш не сум била позагрижена за пандемија како што сум сега“, рече Сузане Џон, шеф на Марбургер Бунд.
Порастот на заразата е особено шокантен затоа што во текот на првите 18 месеци од глобалната пандемија, Германија често се наведуваше како една од земјите што особено добро го контролираше ширењето на болеста.
Но, сега болниците предупредуваат дека им снемува капацитет и простор да им помогнат на пациентите. Многу лекувања се одложуваат поради епидемијата.
