Дејтонскиот мировен договор со кој заврши војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите години е во опасност да се распадне. Република Српска планира излез од некои од трипартитните институции во земјата, вклучително и војската, за што високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит, ги опиша како еднакви на отцепување.
Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик рече дека Република Српска ќе најде механизам да го тужи Кристијан Шмит за лажно претставување, а тоа ќе се обидат да го направат во неговата земја.
Додик истакна дека е добиена важна порака од Советот за безбедност, што значи дека нема висок претставник и посочи дека Советот за безбедност бил на страната на меѓународното право.
Советот за безбедност за прв пат во историјата се занимава со ова прашање за Западен Балкан, а особено Босна и Херцеговина беше на страната на меѓународното право, и тоа благодарејќи на однесувањето на двајца од пет странски членови на Советот за безбедност. Тоа што вчера го научивме и би требало на сите да им биде јасно дека Босна и Херцеговина нема висок претставник, изјави Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина
Додик рече дека благодарение на Русија и Кина се оневозможило да се расправа за извештајот на високиот претставник за ситуацијата во БиХ и Кристијан Шмит да се обрати пред Советот за безбедност.
Инаку вчера Советот за безбедност на Обединети нации ја усвои резолуција за Босна и Херцеговина, со која се продолжува мандатот на мисијата на ЕУФОР. Резолуцијата 2604 беше поддржана од сите 15 земји-членки на СБ.
Мартин Николовски
