Црногорскиот премиер Миодраг Кривокапиќ е во прва официјална посета на Србија по покана на колешката Ана Брнабиќ.
Но домаќинката не го пречека на белградскиот аеродром, затоа што како што пишува весникот „Данас“, Брнабиќ држела прес конференција за една година од функционирањето на владата на Србија.
Министерот за земјоделие и потпретседател на српската влада Бранислав Недимовиќ го пречека гостинот од Црна Гора, но не во официјална облека туку во неформална и по црвениот тепих меѓу гардистите, првиот земјоделец на Србија парадираше со фармерки и лежерен мантил.
Потегот ги налути црногорските медиуми, а весникот „Побједа“ го оцени дочекот како понижување на Црна Гора бидејќи кабинетот на Кривокапиќ е формиран откако на ланските избори во Црна Гора, просрпските партии помогнаа во првата победа над Мило Ѓукановиќ.
