Ангела Меркел формално беше разрешена од должноста канцелар на СР Германија, но ќе остане на чело на владата во техничкиот мандат до изборот на новата влада.
По конститутивната седница на Бундестагот, на која присуствуваа и канцеларката и членовите на владата, германскиот претседател, Франк-Валтер Штајнмаер во палатата Белви и го предаде указот за разрешување од функцијата.
Според членот 69 од германскиот Устав, мандатот на сојузниот канцелар или министер завршува со конституирање на новиот Бундестаг.
Поради тоа што Бундестагот сè уште не избрал нова влада претседателот Штајнмаер побара од Ангела Меркел да ги извршува своите должности до именувањето на нејзиниот наследник.
Владата останува на функција, но како техничка.
Германскиот претседател ѝ се заблагодари на Меркел за 16-те години поминати на чело на владата, во кои, како што додаде, придонесе Германија да добие почит во Европа и светот.
