Вести Економија Македонија Најважни

Рамадани од МЕПСО ексклузивно за Телма: МЕПСО за еден месец ќе плати 15 милиони евра поради недозволеното преземање од европската мрежа

Директорот на МЕПСО, Куштрим Рамадани,  во разговорот со новинарот на Телма, Огнен Чанчаревиќ појаснува дека потрошувачката е поголема од производството на електрична енергија, а набавка од добавувачите нема поради поскапените цени на берзата.

Огнен Чанчаревиќ: За увоз и производство на струја во Македонија е ЕСМ, една од фирмите. Директорот, Васко Ковачевски, во неколку наврати, барем во последните 10-тина дена, кажа дека ситуацијата е стабилна и производството е доволно и задоволувачко. Дали ситуацијата е стабилна и дали производството е на задоволувачко ниво?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Минатите денови имаме забележано дека производството плус увозот не е во баланс со потрошувачката. Тоа значи просто дека ние имаме недостаток на електрична енергија. Според нашите првични извештаи, оти ние производството го следиме онлајн, значи 24 часа, кога ги споредуваме колку е производството, увозот и потрошувачката, можеме да заклучиме дека најголемите отстапувања се случуваат токму поради ЕСМ. Значи имаме намалено производство на електричната енергија.

Огнен Чанчаревиќ: Кажете ми колку е производството а колку е потрошувачката?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Ние видовме, значи од извештаите, еве еден типичен диспечерски извештај, тука се хидроцентралите, термоцентралите, обновливите извори на енергија и ТЕ-ТО како независен произведувач и имаме значи во секој час колку се произведува електрична енергија, тука се некаде, еве за 23.10, некаде најмногу што имавме е 500 мегавати а конзумот во тој час бил значи, 1000 мегавати. Значи ние, производството плус увозот се гледа тука разликата од 315 мегавати, ни фалат во мрежата, значи имаме помало производство од колку што потрошуваме.

Огнен Чанчаревиќ: Како се надополнуваат тие 315? Од каде се наоѓаат тие 315 тогаш?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: На дневно ниво ова значи дека за тој ден, 5943 мегават часа ние преземаме од европската мрежа, знаејќи дека целата мрежа во Европа е врзана и ние значи без најава преземаме од оваа мрежа. Досега имаме добиено 4 предупредувања од центарот во Швајцарија, кој ги прави пресметките, има специјални алатки, на 15 минутно ниво гледаат кој колку отстапува во мрежата и затоа не имаат предупредено дека ние преземаме нон-стоп енергија од мрежата што не е дозволено. Оваа енергија, значи можно е да се користи во случај на хаварија, ама ние знаејќи дека немаме никаква хаварија кај нас, се знае дека ние оваа енергија ја преземаме за снабдување на потрошувачите што е спротивно на сите правила.

Огнен Чанчаревиќ: Кога МЕПСО ќе треба да ја плати таа енергија и која е сумата која што ќе треба да ја платите на крајот на месецот?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: МЕПСО оваа енергија треба да ја плати, пресметките ние ги добиваме до 5-ти од наредниот месец, и до некаде половината на Ноември ние треба да ја платиме оваа енергија. Според нашите пресметки досега, направени се некаде околу 10 милиони евра, што ние на половината од Ноември треба да ги платиме кон тие што сме отстапиле а ако продолжи трендот вака со зголемување, еве овој ден типичното зголемување, значи може да бидат и над 15 милиони евра што ние во средината на Ноември треба да ги платиме кон Европа.

Огнен Чанчаревиќ: И тие 15 милиони евра се само за еден месец?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Тие се само за еден месец.

Огнен Чанчаревиќ: Сега влегуваме во зимските месеци, потрошувачката на струја дополнително ќе се зголеми. Дали тоа значи дека вие уште повеќе ќе мора да превземате енергија и дали тоа значи дека уште повеќе ќе треба да се плати, односно МЕПСО ќе треба да плати до почетниот производител, што не е од Македонија секако.

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Според ова што го гледаме и ја следиме ситуацијата на дневно ниво, значи отстапувањата растат. Ние, како што кажав прееска, ние оваа енергија треба да ја платиме. Знаејќи дека МЕПСО од преносната тарифа има вкупен годишен приход од 30 милиони евра, ние кога ќе ги платиме овие 15 милиони евра , ако бидат 15 милиони евра на крајот на месецот, ова ќе биде голем удар врз ликвидноста на МЕПСО. Ние апсолутно ги немаме тие средства на сметка за да можеме да ги исплатиме кон Европа.

Огнен Чанчаревиќ: Од Европа не може да ја исклучат македонската мрежа, односно мрежата во Македонија бидејќи енергијата се транспортира и до други држави. Кои се тогаш следните чекори? Што ќе превземат од Европската Унија а што треба ние да превземеме?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Тоа што предвидувавме ние, испадна и полошо и апелиравме да се прекине со трошењето на водата за хидроцентралите. Еве, сега сме сведени на 10% од вкупните акумулации, најголем проблем ни е сега што ние немаме за системски услуги. Значи, ние плаќаме кон ЕСМ системски услуги, што ги немаме во моментот и овој е еден од најголемите проблеми. Сега се надеваме, бидејќи се наоѓаме во изборна кампања и владата не може ништо да направи, согласно законот за спречување на корупцијата, но премиерот најави на една прес конференција кај што и јас бев присутен дека владата ќе интервенира со средства, со цел да ја ублажи целата ситуација. Сакам да напоменам, ова не е локален проблем, ова е светски проблем. Поготово значи најголем проблем во Европа а има и во Кина и другите земји. Не смееме да го злоупотребуваме во овој изборен период, енергетската криза, оти најмалку, пак повторувам, најмалку е локален проблем и најмалку треба да биде присутен во кампањата на локалните избори.

Огнен Чанчаревиќ: Колку е ризикот голем и се зголемува ако продолжи ваквата ситуација? Ако се ослонуваме на тие капацитети во моментов што работат?

Куштрим Рамадани, генерален директор на МЕПСО: Па, ризикот е голем и затоа пак велам дека треба да видиме ние кои реални капацитети ги имаме за производство. Таа количина на енергија што ни фали да ја набавиме и тука е клучот, тука е решението. Нема друга алтернатива или рестрикции, ама рестрикците во 21-иот век, во 2021-ва година никој не би ги посакувал, така да предлогот е тие количини што ни фалат, да ги набавиме на слободен пазар и тоа е тоа.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 18.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори – изборна хроника 18.04.2024

Дејан Дејан

Марковиќ во „Вин-Вин“: Не верувам во концептот на независен кандидат, без поддршка од голема партија, нема шанси да освоите било што

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе