Независниот кандидат Максим Димитриевски синоќа славеше победа на плоштадот во Куманово, Оливер Илиевски прогласи победа во штабот на СДСМ, но повоздржан. По проспиената ноќ официјалните податоци на ДИК покажуваат само 22 гласови разлика меѓу нив во корист на досегашниот градоначалник Димитриевски. Тој освоил 15.164, додека Илиевски 15.142 гласови. Во проценти изразено е само 0,05 од вкупно важечки 44.173 ливчиња и излезност речиси 50 проценти. И двајцата очекуваат победа во втор круг. Димитриевски е среќен што и без партиска поддршка ѝ се спротистави на поранешната матична партија СДСМ и постигна ваков успех.
Оливер Илиевски кандидиран од СДСМ, а поддржан од нивниот коалиционен партнер ДУИ и тој очекува победа во втор круг. Убедува дека со помош на гласовите од кандидатите кои не поминаа во втор круг, а се коалициони партнери на СДСМ на централно ниво, ќе ја добие градоначалничката функција.
Во Куманово имаше петмина кандидати за градоначалници. Тони Mихајловски на ВМРО-ДПМНЕ освои 8.582, Беким Салиу на Алијанса за Албанците и Алтернатива 4.257 и Теодора Димитриовска на ЛДП и ДОМ 1.028. Имаше и 13 листи за советници кои се бореа за 33 советнички места. Според првичните резултати СДСМ освои 10 места, за наше Куманово на Максим Димитриевски 8, ВМРО-ДПМНЕ 7, 4 ДУИ, 2 Алијанса и по еден Левица и Беса.
Билјана Николовска
