Вести Македонија Топ вести

Ден пред ископувањето (сквернавењето) на гробот на 17-годишната кумановка, мајката пријавила закани во полиција кои не се расветлени

Кумановката Гордана Филиповиќ во неделата имала закани пред сопствената куќа од лице кое и викало дека „знае дека има две деца и брзо ќе ја разбере пораката“. Филиповиќ е мајка на загинатата 17-годишна девојка чиј гроб беше ископан и осквернавен на 11-ти октомври, ден по заканите.

Кумановската полиција ја потврди заканата без многу детали.

-На 10.10.2021 година во 17.18 часот во СВР Куманово Г.Ф. пријавила дека околу 17.00 часот пред нејзината куќа на улицата „Мирче Ацев“ непознато лице и се заканувало. СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот.

Според сознанијата на Телма, пред куќата на Филиповиќ застанало ауди а3 со сива боја, а возачот е најден неколку минути по пристигнување на полицијата на друга улица и се бранел дека застанал не да се заканува туку затоа што снемал гориво.

Гордана Филиповиќ во телефонски разговор за Телма потврди за инцидентот и ни рече дека заканувачот и кажал дека бргу ќе ја разбере пораката и дека таа има две деца кои тој (заканувачот) ги знае. Едно од децата е загинатата Јелена, а нејзин близнак е второто дете во семејството Филиповиќ.

Ден по заканите беше откриено дека гробот на загинатата девојка бил ископан до сандак, а полицијата осомничи тројца (двајца од нив затвореници од Идризово кои биле на викенд отсуство) кои според обвинителството сакале од гробот да украдат златен накит за кој што слушнале дека е оставен во ковчегот.

-Потресена сум и шокирана. Но не верувам дека кражба е причината за ова морбидна работа. Мислам дека е поврзано со заканата добиена еден ден пред тоа и дека уапсените се платени од некој да го сторат овој нов злостор врз нашето семејство, ни рече Гордана Филиповиќ.

Сообраќајната несреќа во која загина Јелена се случи лани во јануари во скопски Илинден, а судењето против возачот кој ја предизвика се уште не е почнато. Семејството се сомнева дека Јелена не загинала во несреќата туку подоцна е убиена. Обвинителството потврди дека е подготвен обвинителниот акт против возачот иако не се прифатени сомнежите на семејството.

-По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје во предметот за кој покажувате интерес на 05.07.2021 година поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Тешки дела протв безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна од најмалку четири години. Обвинителниот акт е потврден и се очекува почеток на судската постапка, ни одговорија од обвинителството.

Таткото на загинатата девојка е се уште во притвор откако беше уапсен во август поради сомнеж дека барал платен убиец за ликвидација на човекот кого го смета за одговорен за смртта на девојката.

-Во периодот од април до август 2021 година, Д.Ф., во врска со сообраќајна незгода која се случила во 2020 година, поттикнувал лица за парична награда да извршат убиство над неколку лица. Исто така, во наведениот период пријавениот во повеќе наврати на лицата кои ги поттикнувал да го извршат кривичното дело „убиство“ им се заканувал со огнено оружје со цел да го извршат кривичното дело, соопшти МВР на 17-ти август.

Неговата сопруга тврди дека сомнежите не се точни и никогаш не им паѓало на памет да се справуваат на тој начин со проблемот туку сакале да го решат со доказите кои ги имаат собрано, а обвинителството не ги прифаќа.

Загинатата девојка беше дел од кампањата „Спаси нечиј живот“, а билборд со нејзина фотографија и порака „Возев пијан и дрогиран… ја убив Јелена“ го имаше на повеќе места во родното Куманово, но и во Скопје пред комплексот судови, каде треба да почне судењето за нејзината прерана смрт.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Ќе ја вика Македонија, пред табла Северна Македонија, зашто нема Јужна Македонија, Силјановска за уставното име, а Пендаровски вели секој си има свој став, ама во дипломатијата има протестни ноти

Дејан Дејан

Скопјанец паднал во отворена шахта во центарот на главниот град

Дејан Дејан

Силјановска Давкова: Она што се случува денеска е резултат на тоа што ветингот беше само реторика

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе