Позитивни сигнали за продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија. Премиерите на двете земји, Заев и Јанев, имаат големи очекувања од постизборниот период, кој за Македонија завршува во втората половина на октомври, а за Бугарија – еден месец подоцна.
Заев останува оптимист дека двете пријателски земји може да најдат решение за прашање од билатерален карактер.
Во интервју за Бугарската национална телевизија, техничкиот премиер Стефан Јанев изразува очекување дека по изборите, дијалогот може да добие друга смисла и динамика. Но, тој не очекува промена на бугарските позиции, туку заштита на бугарскиот национален интерес кој е поврзан со интересите и на други нации во Европската унија.
И претседателот Стево Пендаровски се надева дека разговорите ќе продолжат со новоизбраниот претседател и со политичка Влада која ќе има мнозинство во бугарскиот парламент. Во интервју за грчкиот весник „То вима“, тој порачува дека решението треба да биде усогласено со Договорот од 2017-та.
- Ќе продолжиме да дејствуваме конструктивно во разговорите со официјална Софија. Решението од преговорите со Бугарија треба да е усогласено со Договорот за пријателство и да го почитува правото на самоопределување на нашата нација, националниот идентитет како и македонскиот јазик- Стево Пендаровски, претседател на РСМ.
Во среда во Словенија, во рамки на Самитот ЕУ-Западен Балкан, се очекува средба на македонскиот премиер Заев со бугарскиот претседател Радев. Заев очекува Самитт да испрати недвосмислена порака за проширување на Унијата.
Од Самитот се очекува јасна порака за европската иднина на земјите од Западен Балкан. Откако агенцијата Ројтерс објави интерен документ на Унијата со кој не се даваат гаранции за проширувањето, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен имаше балканска турнеја како потврда за евроскпата перспектива на регионот, а комесарот за проширување Оливер Вархеји ги посети Македонија и Бугарија како дел од напорите за тргање на блокадата и за почеток на пристапните разговори.
Соња Николовска
