Речиси секој втор пациент којшто бил хоспитализиран со Ковид од почетокот на пандемијата досега – ја изгубил битката со вирусот. Ова се податоци на Институтот за јавно здравје и таа застрашувачка статистика покажува смрт на 6.203 пациенти од вкупно хоспитализирани 13.159 пациенти, што е 47%. Вкупно починати од почетокот на пандемијата досега се 6.607 лица, а 404 од нив починале во вонболнички услови.
Од регистрираните смртни случаи најголемиот дел се на возраст над 60 години – 5378. Регистрирани се 3984 кај лица од машкиот и 2623 кај лица од женскиот пол. Од починатите, кај 4896 се регистрирани коморобидитети, вели диркеторот на ИЈЗ д-р Шабан Мемети.
Според инфектологот доктор Фадил Цана, неподготвеноста на нашиот здравствен систем е видлива и по година и половина од пандемијата, а тоа најмногу е изразено со високата смртност. Според него, не е поентата само да се отвораат нови Ковид-центри и да се создава простор за згрижување на пациентите, туку важна е грижата што тие ја добиваат внатре додека се лекуваат.
Нашиот здравствен систем изгледа и по две години не ја сфаќа баш сериозноста на пандемијата. Како да поминал стравот и како се да е онака како рутина. Едноставно, пристапот повеќе е рутински отколку сериозен. Според мене, за сите тие пациенти би требало да има соодветни екипи усовршени во овие две години околу тоа како треба да се пружи нега и грижа на тие болни со Ковид-19. При врвот на зараза нашиот здравствен систем само отвара нови Ковид-центри, рече д-р Цана.
Во последната недела се бележи пад на бројот на новозаразени. Паѓа бројот на починати и на позитивни тестирања, што укажува дека четвртиот бран стагнира.
Во последната недела 47 пациенти биле пуштени од болница како оздравени. Тоа е помалку во споредба со неделата пред тоа од 12 до 19 септември, кога 71 пациент го напуштиле болничкиот кревет.
Освен стагнација на четвртиот бран на зараза, стагнација има и во интересот на вакцинација за прва доза, додека пак веќе трет ден по ред се одвива и вакцинација со трета доза за граѓаните кои спаѓаат во некоја од категориите за кои таа е наменета.
Петар Догов
