Западен Балкан е главен приоритет за Европската Комисија. Иднината на регионот е во Европската унија. Разговаравме како да го унапредиме проширувањето со отварање пристапни преговори за Македонија и Албанија, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје. Освен ова, нема никакво соопштение по разговорите.

Со Твит по средбата се огласи и премиерот Зоран Заев, кој напиша дека една од темите на разговор со Вархеји, беа и подготовките за претстојниот самит за Западен Балкан во Словенија, следната недела. Европскиот пат е важен за двете страни. За Македонија и за Европската унија. Посветени сме на тој процес, напиша Заев на Твитер.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија, на разговори за одблокирање на македонските преговори за членство во унијата. За во среда, на шести октомври е закажан Самит на унијата за Западен Балкан, на кој домаќин е словенечкото претседателство.
