Дадени и се првите вакцини наменети за трета доза кај граѓаните кои се вакцинирале пред половина година, а спаѓаат во категоријата над 60 години или со хронични болести, или пак се медицински работници. Докторите велат – потребна е трета доза, затоа што кинеските вакцини со инактивиран вирус се покажале како не толку ефикасни кај повозрасните. Освен вакцинацијата со трета доза, како мерка е воведен и Корона-скрининг на децата во училиштата.
Додека некои граѓани сè уште се двоумат за прва доза или целосно се против вакцинација, денес во пунктовите почна да се дава и трета доза. А, таму сликата е поразлична од почетокот на вакцинацијата. Ги нема тие редици на влезовите.
Но, уште рано наутро веќе се вакцинирани неколку лица по третпат, со што и официјално започна овој нов момент во имунизацијата на населението. Засега, неколку категории на граѓани може да се јават на трета доза – лица над 60 годишна возраст, лица со ослабнат имунитет поради некоја болест и медицински работници.
Кај медицинските лица има расположение за вакцинирање со трета доза. Најважна е пораката што ќе се испрати, бидејќи голем дел од медицинарите веќе и го прележаа вирусот, освен што се вакцинирани со две дози, велат дел од нив.
Доктор Божидар Кочовски вели дека третата доза е важна затоа што кинеските вакцини со инактивиран вирус се покажале како не толку ефикасни особено кај повозрасната популација.
Вакцинирањето со трета доза е една од новите мерки на здравствените власти која ја соопшти министерот за здравство уште минатата недела, а освен тоа и најави Корона-скрининг на децата во училиштето, но само со согласност од родител.
Петар Догов
