Контроверзи ја следеле модуларната болница во Тетово и во моментите кога била готова, освен тоа што е последна модуларна предадена на локалните медицински центри, нејзиното примопредавање се одолговлекло повеќе од месец и половина. Откако била завршена и наполнета со опрема, менаџментот на тетовската болница го барал клучот за да ја преземе. Тоа се случувало околу 10-ти март, но од здравство не го дозволувале од тоа затоа што прво требало да се направи попис на опремата внатре и која ќе ја преземе и задолжи како имот, тетовскиот клинички центар, дознава Телма. Бидејќи од тетовската болница не сакале да ја прифатат процедуарата со попис, среде пролетниот ковид бран, модуларната болница останува надвор од игра. Според информациите на Телма во битката за клучот за да се разреши проблемот, биле вклучени и претставници на владеачките политички партии чии кадри се на чело на Министерството и на тетовската болница. Откако се решило несогласувањето тогаш е изведено примопредавање на 15-ти април, но се откриени ситни недостатоци поради што изведувачот Брако морал да направи измени со лајсните, сифоните за вода и олуците. По отстранувањето на градежните забелешки, модуларната е преземена од тетовската болница по што е почнат процес за воведување на струја и правење систем за кислородна поддршка во монтажниот објект. Од што е градена, надлежните уште не ги објавуваат документите иако Филипче на прес конференцијата го покажа купот документи и тврдеше дека се е законски и се е безбедно.
Денеска пак од министерството јавно соопштија декасе што имаат ќе предадат на надлежните органи, и ги наброја документите кои вчера ги имаше во купот на Филипче. Станува збор за сертификати и стручни технички извештаи за испитани и тестирани материјали употребени во изградбата како и за проверена електрична инсталација и решенијата за пренесување на вредноста односно сопственоста врз модуларната. Но јавноста ќе нема увид.
Министерството за здравство не сакајќи да се меша во јавно обвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага која ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располагаме подготвени сме да ја доставиме на увид.
Ова доаѓа откако по допрен глас обвинителството за организиран криминал се вклучи во истрагата но за парите дадени за 17 модуларни болници. Целото досие за проектот ќе биде преземено на проверка од обвинителството за организиран криминал и корупција. Но документите не се бараат од здравство туку од други институции.
Модуларните болници како што веќе објави Телма се изградени по договор со Брако потпишан на сума од над 4 милиони евра во проект финансисран од Светска банка, но преку Труд и социјална политика. Исто така техничките приеми и примопредавање на модуларните е вршено без инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување ДЗС кои задолжени да издадат или не издадат дозвола за користење доколку објектите ги исполнуваат мерките за заштита од пожари и експлозии.
Миомир Серафиновиќ
