Помалку заразени и помалку смртни случаи во Тетово во последните два дена, беа последните смирувачки информации од Тетово, кој цел месец беше најстрашното корона жариште. Но доцна синоќа повиците и лелеците од модуларната болница ја совладаа тишината.
21 часот и 2 минути. Тогаш во противпожарната станица пристигнува телефонски повик – гори монтажниот ковид центар. Седум пожарникарски возила и 30 тина пожарникари се упатуваат кон тетовскиот клинички центар кој е на речиси два километри од станицата. Но, болницата веќе гори и тоа пламените јазици за брзо време голтаат дел по дел.
Ова е аматерско видео кое ако добро се анализира открива дека е снимано уште пред да дојдат пожарникарите, а ковид центарот веќе гори. Во него се лекуваат 26 болни, но дел од нив имаат и придружба што значи бројот на луѓе во него е поголем. Но видеото без прекин е снимано 6 минути и 33 секунди, а ако се забрза снимката јасно се гледа разликата од почетокот и крајот. На почеток пламени јазици излегуваат само од четири прозори, за после повеќе од 6 минути веќе се гледа пожарникарска интервенција, но објектот е речиси целосно во пламен. Само толку малку време требало за пожарот да се рашири.
21 часот и 30 минути пожарот е локализиран, а петнаесет минути подоцна и ликвидиран. Роднините веќе се собираат пред болницата во тетово трагајќи по информации за своите блиски. Дел од онив веќе и ја слушнаа лошата вест. Дел во неизвесност и разбирливо не сакаа ништо да претпоставуваат.
Веќе стана јасно. Жртви има и тоа нивниот број е двоцифрен. Ретко кој зборуваше за преживеани или повредени. Во хаосот од луѓе, траор и тензија – црните возила на функционерите се паркираа пред општинската зграда. Состанокот на кризниот штаб е зад затворени врати. Премиерот Зоран Заев, Министерот Венко Филипче и лидерот на ДУИ Али ахмети овојпат бегаат од јавноста.
Нешто пред полноќ се и последните подготовки во болницата во Тетово за транспорт но на мртвите. Идентификацијата сепак ќе се изведува на судска медицина во Скопје. Таму 14 те жртви пренесени со 6 амбулантни возила пристигнаа после полноќ, и покрај тоа што и докторите од ургентниот центар и новинарските екипи се надеваа на преживеани. Но сите тие имаат име и презиме, свои семејства и своја животна приказна, која запре за речиси момент. Остана еден од последните чекори, нивниот идентитет да се открие со помош на ДНК анализа која започна доцна во ноќта.
Билјана Николовска
