Телефонот во Брза помош не престанува да ѕвони по цел ден и цела ноќ. Драстичниот пораст на бројките на новозаразени пациенти со Ковид, со себе донесе и бројни интервенции на службата којашто по цел ден ита од едно до друго место.
Најголем број од повиците се за помош на повозрасни пациенти од 60 години, но има и помлади. Симптомите што вирусот ги предизвикува се разликуваат, но некои се најкарактеристични.
„Бројот на повици во моментот е зголемен од страна на Ковид-позитивните пациенти. Најчесто се жалат на покачена температура, малаксаност, може да има и испади од централниот нервен систем некогаш, а некогаш се јавуваат и симптоми со гушење. Различна е симптоматологијата ама сепак доминира високата температура и малаксаноста кај повеќето пациенти“ – д-р. Милица Бубало – Раководител на Службата за Итна медицинска помош
Докторите ги загрижува тоа што сè повеќе млади пациенти се соочуваат со непредвидливоста на Ковид-19 и бројните тешки состојби што можат нагло да настанат кај нив.
Дури ниту децата не се изземени од потребата за клинички третман поради вирусот.
Врвот на заразата допрва следи, вели доктор Злате Мехмедовиќ и предвидува двојно повеќе случаи на дневна основа отколку што бележиме деновиве.
„Имаме зголемен број на случаи во помладата популација, оние коишто се на старосна возраст помеѓу 18 и 49 години, а не е ниту мал бројот на децата коишто се исто така засегнати и на коишто веројатно ќе им треба одреден начин на клинички третман за да можат да се решат проблемите кај нив. Сè уште не сме го достигнале пикот и сметам дека тоа ќе биде во периодот на септември или почетокот на октомври и тогаш бројката на дневно-дијагностицирани многу веројатно е дека ќе достигне и над 2000. Тоа дефинитивно ќе биде проблем во процесот на хоспитализација на истите“ – д-р. Злате Мехмедовиќ – субспецијализант на пулмологија
Сè уште не постои дефиниција дали Делта варијантата на Ковид предизвикува и потешка клиничка слика. Научните студии се во тек, но има се повеќе показатели дека оваа мутација најверојатно е и пострашна од претходните.
„Од искуството коешто го имаме од колегите во светот се работи за варијанта којашто според одредени студии веќе има двојно поголемо побарување за хоспитализација на пациенти коишто имаат потреба од кислород и потребата за кислород е двојно повеќе зголемена, а според една канадска студија веќе има информации дека и четирикратно се зголемува потребата за хоспитализација во одделенијата за интензивна нега“ – д-р. Злате Мехмедовиќ – СубспецијалИзант на пулмологија.
Во поглед на мерките и ограничувањата коишто допрва се воведуваат кај нас, доктор Мехмедовиќ смета дека во моментов тие се покажуваат како добри затоа што го поттикнуваат населението да се вакцинира, а показател се и бројките на вакцинирани коишто дневно достигнуваат и до петнаесетина илјади.
Петар Догов
