Инфективна се полни, а од вчера вечерта се полни и дополнителниот капацитет – модуларната болница.
Деветнаесет луѓе се примени само во последното деноноќие, со што вкупниот број на хоспитализирани таму е 101 пациент.
Зголемен е и бројот на амбулантски прегледи периодов, откако бројките на новозаразени започнаа нагло да растат.
„Динамиката со амбулантските прегледи се зголемува. Вчера повеќе од дваесет луѓе се прегледани. Петмина се во отпочната фаза на вакцинирање, но не се комплетно вакцинирани. Третманот продолжува како и претходно, нема разлика во лекувањето на Делта-сојот или на претходниот, но добиваме впечаток дека клиничката слика е посериозна и дека таа побрзо се развива кај одреден број на пациенти“ изјави д-р. Милена Стевановиќ, Директор на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Прогнозите на доктор Стевановиќ се дека бројките на новозаразени па и на хоспитализирани ќе се зголемуваат, а мерките се толку успешни колку што се почитуваат.
„Ова е веројатно единствена, уникатна епидемија во постоењето на човештвото и е веројатно најнепредвидлива епидемија. Секако дека очекуваме и зголемување на бројките затоа што активните случаи се во далеку поголем број од она што би можело да се контролира полесно, односно, да не се шири инфекцијата“ изјави д-р. Милена Стевановиќ, Директорка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Владата вчера усвои мерки и рестрикции и потврди дека сертификат за вакцина е задолжителен за влез насекаде, без притоа да се бројат гостите или посетителите дали се во рамки на определен лимит.
„Десетина проценти од сите коишто се дијагностицираат во текот на денот се вакцинирани. Исто така, десетина проценти од пациентите коишто се хоспитализирани во болница се вакцинирани. Охрабрува тоа што од вкупната бројка на вакцинирани граѓани која достигна 600 илјади, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили 0,002“ изјави Венко Филипче, Министер за здравство.
Здравствените власти се задоволни од интересот за вакцинација во последните неколку дена. Заклучно со вчера, вкупно вакцинирани се повеќе од шестотини илјади граѓани. Ревакцинирани се 485 илјади од нив.
Петар Догов
