Повеќе од петстотини пациенти болни од Ковид се хоспитализирани во болниците низ државата – бројка неколкукратно поголема од истиот овој период лани.
Од денес во функција се модуларната болница на Инфективна, како и капацитетите на ГОБ „Осми септември“.
Од Здравство смируваат, слободни места за нови пациенти има во доволен број, а ако е потребно капацитетите и дополнително ќе се прошират.
Во моментов хоспитализирани се вкупно 540 пациенти во сите Ковид-центри во државата. Во инфективното одделение во Тетово хоспитализирани се 104 пациенти и во Гостивар 81 пациент. Пациентите од Ковид-центрите во Тетово и Гостивар се примаат и во Скопје на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како и во болницата во Лешок. Медицинските тимови се подготвени за ротации и доколку е потребно ќе се зголемат центрите за лекување пациенти со Ковид, велат од министерството за здравство.
Во Тетово ситуацијата е драматична – се отвораат нови одделенија за прием на заболени, а од тетовската болница прогнозираат дека врвот на заразата таму се уште не е ниту достигнат.
Мислам дека сè уште не сме во пикот, според ова што го гледаме во Тетово. Според бројките што ги имаме во амбулантите сè уште не сме во пикот и се зголемува бројот на заболени секој ден. Не можеме да имаме ниту пауза, некој дена, за мирно да здивнеме и да прогнозираме како ќе се одвива состојбата. Во последните 24 часа имавме 14 нови приеми на пациенти и заради ограничениот капацитет за хоспитализации го отворивме и нервното одделение. Вкупно во моментот имаме 104 хоспитализирани пациенти. Вчера имавме и 224 пациенти дојдени за амбулантски преглед, вели Гзим Нуредини, Координатор на Ковид-центарот во Клиничката болница Тетово.
Со каква симптоматологија се соочуваат пациентите заразени со вирусот во овој летен период нѝ одговори доктор Бојан Трајковски кој и самиот тој секојдневно оди во домашна посета на пациенти.
Во однос на мерките коишто сега се воведуваат или се најавуваат, доктор Трајковски вели дека се задоцнети.
За жал, сè почесто гледаме комбинација помеѓу гастроинтестинални тегоби што е пропратено со повраќање, дијареја и општа малаксаност, а воедно со изразен белодробен наод, некаков тип на пневмонија и почетни белодробни отежнувања. Тоа што го зборуваме сега во моментов како мерки, се мерки што требаше да бидат донесени некаде после третиот бран на зараза, за да не нѝ се случува ова што нѝ се случува денес. Мерките на задолжителен ПЦР-тест како во секоја нормална европска земја требаше да важат и за нас, вели д-р Бојан Трајковски, матичен лекар во ПЗУ Медика Вера.
Од синоќа започна да важи забраната за посета на угостителски објекти за невакцинирани лица, ако во објектот има повеќе од триесет гости, а се најавува и воведување задолжителен ПЦР-тест на граница за македонски и странски државјани, нешто што веќе е пракса во многу земји, во текот на оваа туристичка сезона.
Петар Догов
