Граѓанските здруженија против рудници во струмичко обвинуваат дека концесионерот Еуромакс последниве недели врши поткуп на населението со ситни донации. Според Здрава котлина, Еуромакс се обидува да ги одоброволи жителите на регионот, претставувајќи се како добородетел и делејќи им земјоделски машини, иако компанијата се уште нема никаква економска активност.
“Ова не е ништо друго туку обид за поткупување на граѓаните. Со тој еден милион евра тие сакаат да си обезбедат мир, без било какви критериуми се подготвени да делат пари”, вели Ѓорги Танушев-Здрава котлина
Во селото Штука, непосредно под локацијата на рудникот за злато и бакар, не се гледа благонаклоно на граѓаните кои аплицирале за јавниот конкурс за финасирање проекти од Еуромакс. Активистот Ило Малинов вели дека неговите соселани трреба да бидат свесни дека постоење брана повисока од 200 метри е закана за целиот регион, со оглед на скорешните катастрофи во Западна Европа.
“Таа брана полна со отрови не мора да се наполни, еве половина да е полна, и да фатат обилни дождови со денови, не мора ниту да пукне, ќе почне да прелева. Таа вода знаете ли каде ќе стигне? Од Штука и Иловица, преку Сушица, Ново Село и во Бугарија кај Кулата директно во Егејско Море ќе се влеат отровите” вели Ило Малинов-жител на Штука
Од компанијата Еуромакс, велат дека преку акциите сакале да придонесат за полесно пребродување на последиците од ковид-кризата со донации во здравствениот сектор, повеќе локални проекти, како и асистенција на индивидуални семејства и женското претприемништво во земјоделството и сточарството. Намерата им била да докажат дека земјоделството и рударството во 21 век можат да коегзистираат и да се развиваат заедно.
Од таму наведуваат дека проектот е модерен и безбеден и порачуваат да им се остави на институциите во државата и надлежните судови да одлучуваат за иднината ма рудникот за бакар што сакаат да го отворат.
Сузана Мицева
