Преку специјалната апликација „Covid free“, сопствениците на ноќните клубови, кафулињата и сл ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација или прележан Ковид-19 на гостите, кои ќе бидат задолжителни за внатрешните делови, каде што дозволено е само седење, согласно новите одлуки на грчката Влада што од петок 16 јули стапуваат во сила и ќе важат до 31 август, јави дописничката на МИА од Атина.
Надлежните министри, денеска, на прес конференција детално ги објаснија мерките што вчера ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгијадис, посочи дека внатрешните делови на местата за забава, ноќните клубови, рестораните, кината, театрите ќе работат само за вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19, со 85 отсто од капацитетот, а за надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или пак мешани и за вакцинирани и за невакцинирани, додека пак стоењето ќе биде забрането и на отворено и на затворено.
– Оваа година летото ќе биде лето на седнати, знам дека ова за многу изгледа апсурдно и тешко, но вирусот и пандемијата не ни оставаат простор да си играме со ова прашање, истакна Георгијадис и објасни дека поголемиот дел од позитивните случаи од изминатиот период се од забави и танцувања во ноќните клубови и кафулињата.
Угостителските објекти, ќе имаат можност, доколку сакаат да постават и специјален знак дека се „Covid free“ или мешан простор, во зависност од нивната одлука, но само за надворешните делови, со оглед на тоа дека за внатрешните делови не постои избор.
Овој знак, може да биде поставен во приватниот и јавниот сектор доколку персоналот е целосно вакциниран.
Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак Георгиадис објасни дека тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани.
– Сакам на сите што се занимаваат со туризмот да им кажам дека е многу важно прашање, многу важно и за грчката економија да не се даде впечаток дека во Грција се губи контролата на пандемијата, рече Георгијадис и додаде дека е важно сликата за земјата да биде дека пандемијата е под контрола.
