Вести Македонија Најважни

Лекарите им ги доближија вакцините на луѓето оддалечени од големите вакцинални пунктови

Лекарите денес им ги доближија вакцините на граѓаните, дури и на оние оддалечени долги километри од големите вакцинални пунктови.

Во едно обично возило ги собра неколкуте фрижидери со дози доволни за да се боцнат и онаму каде што бројот на вакцинирани гласи „нула“, а коронавирусот сепак лесно може да стигне.

Теренската вакцинација започна рано наутро.

„Вака изгледа еден теренски вакцинален пункт. Екипите од Здравствен дом – Скопје со себе во фрижидерите донесоа сто вакцини, од коишто до пладне потрошија дваесетина дози.“

Денес на ред беше пунктот во училиштето „Емин Дураку“ во село Буковиќ, општина Сарај. Овие два дена и околните села како Грчец, Раовиќ, Чајлане ќе бидат посетени од мобилните екипи.

Потоа ќе се оди и во други места во околината на Скопје, а за три недели екипите ќе се вратат да дадат и втора доза вакцина.

„Со оглед на тоа што ова е почеток на теренската вакцинација, сè уште не знам што нè очекува, меѓутоа, се надевам дека ќе има доволно голем одѕив. Ефектот се гледа, еве гледате како после вакцинацијата веќе се намалија бројките.“, вели  Д-р. Александар Ристовски – Здравствен дом – Скопје

Граѓаните ги препознаваат придобивките од вакцината. Велат, ова е мала цена што може да се плати за подобро здравје. Дел се осврнуваат и на можноста да се отпатува со сертификатот за примена вакцина.

„Ќе пројде болеста. За здравје се прима вакцина, а не за нешто друго. Некои викаат дека не треба, но како не?! Треба да се прими вакцина. Здравјето не се плаќа со пари.“

 

„Оваа вакцина што е меѓународно сертифицирана повеќе ја бараат луѓево, затоа што некој си оди надвор – на печалба, по семејството и по границите им треба тоа.“

Големите центри за имунизација како што е скопскиот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“, а и во другите градови ќе служат за ревакцинирање на оние кои таму веќе ја примиле првата доза.

Теренските вакцинални пунктови, поликлиниките и болниците каде што ќе се дава вакцина, наменети се за прва доза.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Повеќе од 200.000 лажни кондоми откриени во држави во и надвор од ЕУ

Kristina Kuzmanovski

Вечерва извршен одбор во СДСМ-ќе успее ли раководството да се консолидира или ќе се потврдат внатрешните разлики?

Kristina Kuzmanovski

Од 15 ти месецов нови промени на македонските патишта

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе