Со приоритет на здравствениот сектор, со најмногу пари за социјална заштита, со нов дефицит, но и со надеж за економски опстанок и раст во втората половина од 2021-ва година и со зголемено ниво на планирани капитални инвестиции. Предлог буџетот за пост-корона 2021-ва е скроен и застана на помала сума отколку овогодинешниот кризен. Вкупно државата планира да потроши 4 милијарди и 30 милиони евра, а 90.000.000.000 денари односно околу 1.470.000.000 евра се за социјална заштита. Планиран е дефицит, односно државата ќе собере за 4,9 проценти помалку пари отколку што планира да потроши.
Редизнајнирање на буџетските политики – ова беше поимот кој постојано го спомнуваа и Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. Државата ќе ги казнува или наградува буџетските корисници во однос на она што го сработел согласно планот. Покрај репрограмирање на долговите, државата планира и продажба на државни удели и на државно земјиште за да заработи за буџетот.
Капиталните инвестиции се повторно на високо ниво. Планот е да изнесуваат околу 380 милиони евра, оптимистички е напишано во предлог буџетот, а на крајот на наредната година ќе се види колку е реализирано.
Ковид кризата и економскиот пад во текот на целата година многу „помогнаа“ во креирањето на новиот буџет со кој владата мораше на прво место да го стави здравствениот сектор, а сака и да помогне на најранливите граѓани и индустриски сектори. Оптимизмот е да почне економски раст и догодина во декември да нарасне до 4,1 процент. Иако во буџетот повторно се предлага и резерва наменета доколку корона-вирусот и натаму остане меѓу нас и продолжи со пустошењето на јавното здравје и на економијата.
Миомир Серафиновиќ
