Македонија Топ вести

Ѓоргиев: Нации не се создаваат со декрет

По пауза од речиси една година на 15 и 16 октомври ќе се одржи нова средба на мешовитата Комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија. Во Скопје по четврти пат двата тима ќе се обида да најдат излез од ќорсокакот во кој западнаа по прашањето на Гоце Делчев. Македонскиот копретседавач со Комисијата историчарот Драги Ѓоргиев, во интервју за Телма, вели оти за македонската страна  барањето на Бугарија Гоце Делчев да биде запишан како Бугарин, останува неприфатливо. Ѓоргиев во интервјуто го коментира и меморандумот во кој Бугарија наведува дека македонската нација и јазик e резултат на етнички инженеринг.

 

Г-дине Ѓоргиев, бугарскиот тим доаѓа во Скопје со непроменет став, со барање Гоце Делчев да се идентификува како Бугарин. Можно ли е тоа да се случи?

– Во решавањето на вакви конфликтни ситуации ако го земеме европското искуство, секогаш за нерешени прашања се води дијалог. За многу конфликтни ситуации дијалогот е единствено решение. Ние ќе продолжиме со дијалог за Гоце Делчев. Меѓутоа во тој дијалог секогаш треба да се бара решение кое ќе биде прифатливо и за двете страни. Прифатливо решение значи во кое ќе нема победник, односно, двете страни ќе бидат задоволни од решението. Прифаќањето на еднострано решение за Гоце Делчев, дали тој да биде Бугарин или Македонец не е решение во овој спор.

 

Каде гледате решение, излез од ова?

– Повторно ќе се повикам на европското искуство. Постои една алатка во вакви конфликтни ситуации, ситуација на недоразбирање која се нарекува мултиперспективност, кога се земаат во предвид двете перцепции за одреден настан или за одредена личност. И тие две перцепции се рамноправни кога се претставуваат пред јавноста, видувањето на настанот или личноста на едната страна и видувањето на настанот или личноста на другата страна – како гледаат двете страни на тој настан. И таа еднаква перцепција кон одредено недоразбирање, за одредена личност или настан, мислам дека во овој момент е решение да се надмине спорот со Гоце Делчев.

 

Дали сте им го предложиле тоа на бугарските колеги? Каква е реакцијата од нивна страна?

– Да, на охридската средба во октомври дадовме еден таков предлог, меѓутоа тогаш бугарската страна го одби тој предлог.

 

За бугарската страна не е прифатливо да се премине на решавање на друго историско прашање додека не се затвори прашањето со Делчев. Може ли тоа целосно да ја блокира работата на Комисијата?

– Според мене не би требало нерешавање на одредено прашање да биде пречка за понатамошна работа на Комисијата. Според мене преминувањето кон други прашања, оние од учебниците, на пример може да биде во функција да се надмине претходното нерешено прашање. Бидејќи оставањето простор, условно да кажам, да одлежи тоа прашање, да биде малку заборавено, може да биде предност во понатамошната работа на Комисијата и таа може повторно да се врати на тоа прашање. Така што исклучивото држење до одредено прашање, се додека не се најде решение, јас не го сметам дека е баш вистинскиот начин за работа.

 

Премиерот и претседателот неодамна изјавија дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но во исто време бугарите го сметаат за бугарски револуцинер? Како го толкувате вие тоа?

– Спорно е тоа што за Македонија и за Македонците Гоце Делчев е македонски национален херој и за Бугарија и за бугарскиот народ тој е бугарски национален херој. И таа е фактичката состојба сега. И токму од тие причини, бидејќи и бугарскотот општество и македонското општество гледаат на Гоце Делчев на тој начин јас реков дека решението во овој момент е да се прифатат тие две перцепции, со цел да се надмине овој проблем. Двете општества не се спремни за поинакво решение. Било кое друго решение нема да биде  прифатено од соодветното општество.

 

Кој е вашиот став за меморандумот кој Бугарија го испрати до Европската комисија околу преговарачката рамка во кој го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик пред 1944 година, каде што наведува дека тоа е етнички инженеринг и обвинува за ревидирање на заедничката историја?

– Нациите не се создаваат со декрет, ниту нациите може да ги создаде едно лице, едно тело со одлука. Создавањето на нациите е долготраен и многу сложен и комплексен процес. И од тука тврдењето дека македонската нација е создадена со декрет во 1944 година нема асполутно никаква научна основа.

Процесот на создавањето на оваа современа македонска нација започнува во втората половина на 19 век и ги поминува сите фази кои ги поминуваат истите други балкански нации, овде во нашето соседство. И нашиот пат апсолутно не е поразличен од патот на другите нации.  И затоа да се тврди дека ние сме нација создадена преку ноќ, од ништо, според мене не е научно.

А во однос на ревизијата на историјата, вие можете да ревидирате одредени настани, историјата да ја ревидирате, само доколку имате нови релевантни документи. Само на тој начин може да се прави реизија на историјата. Кога со аргументи, со документи, таа ревизија ќе стане вистина потребна. Меѓутоа ревизија со политички притисоци со било какви ненаучни аргументи не може да се прави и асполутно тоа не е целта на оваа Комисија, да прави ревизија на историјата.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ДКСК повторно одлучи дека академијата „Павел Шатев“ ги крши законите со тестирање на кандидати во изборен процес

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 19.04.2024

Дејан Дејан

Претседателски избори 2024 – Изборна хроника 19.04.2024.

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе