Студенти од ФДУ пред и во ЦК „ Марко Цепенков“ изведоа парчиња од драмските текстови на Дејан Дуковски . Беше отворена изложба од авторката Јасмина Алексова со 75 плакати од претстави, работени по текстови на Дуковски.Беа промовирани две книги со неговите драми, во издание на „ Арс Ламина“, а за творештвото на авторот, во рамките на домашната постмодерна во литературата и театарот, зборуваше уредничката на книгите Оливера Ќорвезироска. Со Дуковски пред публиката разговараше уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска, која го напиша поговорот за книгите. За Дејан , присуството на фестивалот е оддолжување кон публиката, зашто како што кажа, овдека биле неговите почетоци. Телма го праша како настануваат неговите текстови ?
„Секогаш ми е прилично долг овој процес на инкубација, на собирање материјал, на некаква подготовка за самото пишување. А, после процесот на пишување е прилично манично- трескавичен. Влегуваш во некаква треска. И настанува тоа што настанува“, рече Дејан Дуковски – драмски писател и сценарист.
Две претстави од натпреварувачката програма , со општествен ангажман, ја обележаа фестивалската вечер. Театарот за деца и младинци ја изведе претставата „ Челинџ“, работена по текст и во режија на Јане Спасиќ. Оваа постановка за деца над 12 години, зборува за врсничкото насилство во училиштата, за неефикасноста на образовниот систем да се справи со проблемот, за младите- жртви на сајбер насилството и за нивната зависност од дигиталните уреди. Ликот на Немања- жртва на булинг го толкува Никола Наковски.
„Се трудевме да ги разработиме проблемите на младите денес. Затоа што мислам дека и ние во наше време кога бевме млади имавме слични проблеми. Но, денес за жал, тие проблеми се на едно многу повисоко ниво“, вели Никола Наковски- актер.
А, Народниот театар од Штип ја изведе сатирата „ Случајната смрт на еден анархист “, по текст на италијанскиот автор, нобеловец и активист , Дарио Фо. Иако текстот е напишан пред 56 години по вистинит трагичен настан во Италија, постановката на режисерката Ивана Ангеловска ја открива неговата универзална вредност, доловувајќи ја бескрупулозноста и манупулацијата на власта, но и протестот на поединецот поради тоа.Главната улога на Лудиот, низ ефективни трасформации ја игра Ефтим Трајчов- Ѓаурски .
„Тој е нели лудак , но толку реално ги претставува работите што манипулира со сите останати. Манипулира за да ги доведе во ситуација , во која и ние сме доведени до манипулација“, рече Ефтим Трајчов Ѓаурски – актер.
Интеракцијата со публиката и демистификацијата на самиот театарски чин се додадени вредности на претставата .
За Телма од Прилеп-Сотир Трајков
