Вести Македонија Топ вести

Пратениците во „доверливост“ и без да им биде откриен идентитетот ќе се советуваат за да работат етички- со новиот Кодекс не е предвидено подарок да биде максимум 100 евра 

Собранието ќе треба да назначи повереник за доверливо советување на пратениците, по усвојувањето на новиот Кодекс за етичко однесување на пратениците во Собранието на РС Македонија. Повереникот ќе биде назначен од вработените во собраниската служба, стои во член 41 во предлог-Кодексот, потпишан од спикерот Африм Гаши и објавен на веб сајтот на Собранието.

Пратениците може да му се обратат на повереникот и да бараат советување како да псотапат во определена ситуација за да не предизвикаат етички или друг вид на прекршок. Тој има право да ги советува и да ги предупреди пратениците за сите дилеми и прашања. Доколку, самиот повереник има дилеми има право да бара мислење од Антикорупциската комисија (ДКСК).

Етичките дилеми и прашања ќе се заведуваат во посебна евиденција за таа намена, но при известување на други собраниски тела или институции не смее да го „издаде“ пратеникот кој му се обратил за совет.

Во новиот Етички Кодекс изменети се досегашните членови на Кодексот со кои максимална вредност на дар (подарок) кој може да го добие и задржи некој пратеник смее да биде максимум 100 евра. Порано беше дозволено и доколку подароците проценети над 100 евра, разликата да си ја доплати пратеникот доколку сака да го задржи. Сите подароци кои не се пријавени како лични на пратениците остануваа во сопственост на државата.

Со новиот предлог Кодекс, нема максимална сума за подароците, туку е наведено дека тие смее да бидат „во износ и на начин утврдени со прописите од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси и од областа на користење и располагање со стварите во државна сопственост“.

Оставена е можност и за други протоколарни подароци и пратениците смее да примат подароци кои „се вклопуваат во традицијата и обичаите на земјата од каде што се дадени“. Односно во арапскиот свет да примат еден вид подароци, а во западните земји друг вид на подароци. Но, тие подароци не смее да предизвикаат сомнеж во чесноста на пратеникот кој го прима подарокот ниту да влијаат врз угледот на Собранието. И тие подароци мора да бидат во согласност со антикорупциските закони во Македонија.

Во предложениот нов Кодекс не е предвиден регистар на подароци, додека со актуелниот постои обврска за водење на таков регистар и пријавување од страна на пратениците.

Пратениците и претставници на собраниски служби со кои разговарав за темата објаснија дека во рок од 30 дена после донесувањето на Кодексот ќе се изготви Упатството за примена во кое ќе биде прецизирано се што е потребно меѓу другото и начинот за примање на подароци. Кодексот е правен по консултации на претседателот и потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи и ќе важи и за актуелниот пратенички состав.

Во продолжение членот од Предлог Кодексот за воведување на повереник за доверливо советување и членот за подароци:

Повереник за доверливо советување

Член 41

(1) Во рамките на Собранието се назначува повереник за доверливо советување од редот на вработените во Службата на Собранието, кој воедно е именуван како лице за интегритет согласно со прописите од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси.

(2) Повереникот е достапен за пратениците за доверливо советување и предупредување при етички дилеми и прашања.

(3) Повереникот за одделни прашања може да побара мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата.

(4) Повереникот води евиденција за етичките дилеми и прашања, соработува со Работната група и ја информира за повторувачки или системски дилеми, без откривање на идентитетот на пратениците, со цел унапредување на политиките за интегритет во Собранието.

Примање на подароци и други користи

Член 19

(1) Пратеникот/пратеничката не очекува, не бара и не прима каков било вид на подароци, услуги, надоместоци или други видови корист, лично или преку друго лице, кои можат да го/ја доведат во ситуација на зависност, обврзаност или сомнеж за непристрасност, корупција, пристрасност или судир на интереси.

(2) Пратеникот/пратеничката може да прима протоколарни подароци добиени на официјални настани во износ и на начин утврдени со прописите од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси и од областа на користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

(3) Пратеникот/пратеничката може да прифати протоколарни подароци добиени при посета на други институции или при меѓународна соработка, во рамките на изразување гостопримство или според протоколот, доколку:

  1. се вклопуваат во традицијата и обичаите на земјата од каде што се дадени;
  2. не предизвикуваат сомнеж во објективноста и чесноста на пратеникот/пратеничката;
  3. не го нарушуваат угледот и интегритетот на Собранието и
  4. се во согласност со прописите од областа на спречување на корупцијата и судирот на интереси и од областа на користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нова ограда за заштита на градилиштето кое проголта тротоар

Tea Dimkovska

Oслободителна пресуда за таткото на Васил Јованов, судот оцени – одговорноста е кај полнолетниот возач и не може да се припише на друг

Дејан Дејан

Нов бран поскапувања, превозот и храната со најголем скок на цените

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе