Расфрлани кабли, земја по импровизираниот тротоар и небезбедни услови за движење. Ваква беше сликата денеска пред градилиштето на улицата „Христо Смирненски“ во центарот на Скопје, каде што пред неколку недели пропадна дел од тротоарот и коловозот. Денеска на терен се поставуваше нова заштитна ограда за поголема безбедност, но граѓаните не се чувствуваат така.
„Еве го гледате проблемов, а не е само тој проблем, една врз друга ни се зградите и во спална се се гледаме што работиме. А ѓубрето ги мрзи да го фрлат на 30 метри подоле па го оставаат овде, Е сега кој е крив или сами сме криви. А а така можат да паднат зградите тоа не се знае. Мислам еве вака една врз друга се копаат. Господ да ни е напомош“, вели анкетирана.
„Реално доста небезбедно да падне цел тротоар и еден од поглавните булевари во градот, така што секако дека е небезбедно особено за граѓаните тука и во соседната зграда. Дефинитивно треба да се води поголема сметка каде се гради, знаеме денеска како се гради, целиот град е натрупан така што дефинитвно треба повеќе сметка да се води“, изјави анкетиран.
Експертите констатираа дека на градилиштето немало заштита, а неправилности утврди и општина Центар која изрече казни и санкции но не кажа за какви станува збор. Засега останува нејасно што точно покажал конечниот стручен извештај и дали на оваа локација ќе продолжи изградбата на планираната петкатница.
„Со решение на градежен инспектор, инвеститорот е задолжен да ја затрупа градежната јама и да го санира просторот. Во моментов приоритет е обезбедување на локацијата согласно издаденото решение. По целосното завршување на оваа постапка ќе се разгледуваат евентуални понатамошни решенија“, велат од Општина Карпош.
Според градежните експерти, случајот е уште едно предупредување за проблемите во урбаното градење и недоволната контрола на градилиштата. Тие предупредуваат дека последиците од ваквите пропусти не се однесуваат само на инвеститорите, туку директно ја засегаат безбедноста на граѓаните и стабилноста на соседните објекти. Инцидентот се случи пред речиси половина месец,па десетици камиони и стотици тони земја беа истурени во градежната јама со цел нејзино затрупување и стабилизација. Но и покрај преземените мерки, прашањата за одговорноста и за иднината на објектот остануваат отворени.
Симона Петровска
