Производителите на житни култури, откупувачите и преработувачите на првиот состанок за определување на откупната цена на пченицата не си подадоа рака. Преговорите продолжуваат наредната недела, откако ќе се направат анализите колкави ќе бидат приносите на пченицата во регионите и во најголемите житници Пелагонија и Овче Поле. Гоце Серафимов потпретседател на Асоцијација на земјоделци не е оптимист за откупната цена на пченицата што треба да се договори.
„Цената што ќе биде најверојатно нема да биде добра за нас земјоделците. Меѓутоа ќе видиме во договор со министерството, ќе тражеме од нив како интервентна мерка-нешто да се дополни. Инаку земјоделците што ќе жнеат ќе можат во силосите да носат и складират. Натака цената ќе се виде“, изјави Гоце Серафимов потпретседател на Асоцијација на земјоделци.
Серафимов вели дека земјоделските здруженија со измени на Законот бараат пченицата како стратешка култура да има производна цена. Лани откупната цена на лебното зрно беше 12 денари, а годинава земјоделците сметаат дека договор треба да биде да не е под 16 денари за килограми. Во Македонија во просек секоја година се произведуваат околу 250.000 тони пченица, а годинава во одредени региони ќе има и потфрлање на приносите.
Викторија Јованова
