Македонија

Македонската страна од Комисијата со Бугарија ги кани бугарските колеги на средба за две недели

Два термини за одржување на нова средба 29 и 30 септември или 1 и 2 октомври ќе достави македонската страна до бугарските колеги од Комисија за историските прашања меѓу двете земји. Поканата, како што дознава Телма, ќе биде упатена деновиве, а локацијата на средбата е Скопје. Доколку бугарската страна ја прифати поканата тоа ќе значи рестартирање на разговорите за историските прашања по пауза од 10 месеци, а кои заглавија на Гоце Делчев.

Дека Комисијата ќе има тешка работа укажува тоа што последните три средби на Комисијата не мрднаа од мртвата точка по прашањето на Гоце Делчев, а од она што го дознава Телма, и во моментов нема поместување во позициите на двете срани по ова прашање. Бугарската страна инсистира Гоце Делчев, да биде запишан како Бугарин, додека македонската страна смета дека не е работа на Комисијата да утврдува нечиј национален идентитет.

Од македонскиот дел на Комисијата за Телма велат дека без отстапки не е можно решение, но оти за нив отстапка за утврдување на национален идентитет на Делчев, не е опција. Отстапка сметаат дека може да се бара во заедничко славење на Делчев за што ќе биде потребно да се утврди неговата улога тогаш и значењето кое го има за двете страни сега, а во кои би се препознале и Македонците и Бугарите.

Македонската страна опција за излез од ќор-сокакот гледа во мулти-перспективата во толкување на историски прашања, нешто што се применува во историските читанки во Европа, кога во нив се презентира различно гледање на две или повеќе страни на исто историско прашање.

И додека Комисијата за историски прашања со Бугарија е се поблиску до нова средба и продолжување на работата, Комисијата за историски, арехеолошки и образовни прашања со Грција која ја замрзна својата работа пред повеќе од една година, е во очекување на датум за нова средба. Откако официјална Атина неодамна го смени целиот состав на својот дел на Комисијата, од македонскиот тим, очекуваат наскоро до нив да стигне покана за нова средба. Работата во оваа Комисија е стигната до препораките за наставните програми, откако претходно беа разменети забелешки за содржината на учебниците за основно и средно образование. Домаќина на идната средба на Комисија е грчката страна.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Бојмацалиев: 508 кандидати за полициски службеници, ги подобруваме условите за обука со целосна реконструкција на Центар за обука во Идризово

Дејан Дејан

Лукаревска: Во следните четири години ќе ја зајакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра

Дејан Дејан

Сајкоски за Битола најавува обиколница што ќе ја поврзува со Грција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе