Вести Македонија Најважни

Обвинителството откри што ја запали „Треска“ пред 5 месеци, но не најде кој-општината ја чисти локацијата во центарот на Скопје

Човек го предизвикал пожарот во фабриката „Треска“ во срцето на градот, на 14 април годинава. Кој и зошто – останува непознато.

Кривични пријави сè уште нема, а во одговор за Телма, од Обвинителството споменаа дека се работи на утврдување на вредноста на настанатата штета и ќе се знае дали се исполнети елементи на кривичното дело „Предизвикување општа опасност“.

Додека овој случај сè уште чека своја разврска, механизацијата веќе влезе во „Треска“.

Теренот мора да се исчисти од отпадот, руинираните бараки, азбестни покриви и сè што е останато од некогашната фабрика.

Нелегална депонија во срцето на градот, потенцијална еколошка бомба за жителите во околината – ова го наброи градоначалникот на Центар и денес, како и пред пет месеци кога гореше пожар во кругот на фабриката.

Според Герасимовски, заштита на здравјето на центарци е причината заради која е важно да се исчисти теренот.

Во меѓувреме, големите градежни инвеститори „го меркаат“ плацот подолго време.

„Најпрво ќе се отстранува отпадот од азбестните покриви, потоа ќе се урнат дотраените објекти, па ќе се отстранува кабастиот отпад. На крај, на целиот простор ќе се изврши дезинсекција, дезинфекција и дератизација, од причина што во комплексот врие од глувци, змии и други штетници кои исто така се извор на зараза“ изјави Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

„Треска“ е дел од Детален урбанистички план кој не е сменет речиси една деценија.

План кој имаше многу противници, особено помеѓу сегашни и поранешни припадници на актуелната владејачка структура, а гласно го критикуваа и бројни архитекти и луѓе од фелата.

Сега инвеститорите тропаат на портите на Општината и бараат дозвола за градење.

Ниту градоначалникот не може да гарантира дека нема неповратно да се загуби последниот слободен простор во јадрото на Скопје.

„Никој не може да гарантира во тој дел заради тоа што постои закон којшто не смееме да го прекршиме. Дополнително, правиме напор заедно со Град Скопје, за регулациски да се отстрани овој дел од Деталниот урбанистички план „Буњаковец 1 и 2“ и што поскоро да се донесе нов ДУП (за Треска)“ изјави Герасимовски од Општина Центар.

Во Општина Центар веќе се поднесени 4 барања за градба и 15 за дооформување на градежна парцела, информираше градоначаникот.

Кога во градоначалничката фотелја беше Богдановиќ, се спроведе конкурс за тоа што да се гради кај „Треска“ и врз основа на тоа да се уреди просторот.

Но, кога дојде на функција Герасимовски кажа дека конкурсот не може да се спроведе заради голем дел приватно земјиште.

Сега, актуелниот градоначалник не ја исклучува можноста за спроведување на меѓународен конкурс.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе