Руското министерство за одбрана соопшти дека 40 Украински воени заробеници биле убиени во бомбардирањето на затвор во регионот Доњецк, кое го извршиле Украинските сили. Уште 75 други затвореници биле повредени во ракетниот напад во затворот во Оленивка.
Според руските извори, меѓу убиените има и поранешни припадници на озлогласениот Украински батаљон Азов а нападот бил извршен со американскиот повеќецевен ракетен фрлач ХАЈМАРС, кој им беше даден на Украинците. Во нападот биле повредени и 8 лица, вработени во затворот.
- Во моментов, голем број Украински војници доброволно го положуваат оружјето, знаејќи за хуманиот третман на воени заробеници од руската страна. Оваа бесрамна провокација беше извршена со цел да се заплашат Украинските војници и да се спречи тие да бидат земени во заробеништво. Околностите на оваа провокација се истражуваат, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана
Очекувано, Украинците негираат дека го извршиле нападот и за возврат ја обвинија Русија дека го бомбардирала затворот, со цел да ги сокрие доказите за измачување на заробените Украински војници.
Михајло Подољак, Советник за национална безбедност на Зеленски, изјави дека руските обвинувања се класична, цинична руска операција под ткн „лажно знаме“ со цел да се дискредитираат Украинските власти.
Според Подољак, неопходна е објективна истрага од меѓународните организации за да се утврди одговорноста.
Во затворот во Оленивка беа пренесени дел од Украинските војници кои беа заробени при руската операција за освојување на фабриката Азовстал во Мариупол.
Истовремено, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, потврди дека во наредните денови е подготвен да излезе во пресрет на американското барање за телефонски разговор со американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен. Очекувањата се дека американците ќе предложат размена на заробеници со која во САД би можела да се врати кошаркарката Бритни Гринер, која беше уапсена во февруари од руските цариници затоа што во нејзниот багаж по слетувањето во Москва било пронајдено масло од канабис.
По почетокот на руската инвазија на Украина, дипломатските односи меѓу САД и Русија се на историски најниското ниво од периодот на Студената војна.
Никола Илиевски
