Матичните лекари се доктори вработени во приватни здравствени установи, а не во јавно здравство, поради што и нема правни можности да им се наметнуваат обврски, туку соработката треба да биде на договорен основ, регулирана со соодветен правен акт, реагира Комората на приватно здравство при Сојузот на стопански комори на Македонија, на одлуката на Комисијата за заразни болести, матичните лекари да дежураат во новите ковид амбуланти. Матичните лекари имаат обврска кон своите пациенти, не само кон ковид пациенти, се вели во дописот на Комората.
- Во таа насока во огласот, односно договорот, јасно треба да се дефинира платата, надоместокот кој ќе се добива за ангажманот во ковид амбулантата, по примерот на плаќање на дежурствата во јавните здравствени установи, кои се регулирани со Колективен договор и Закон за работни односи. Законите треба да се почитуваат и да важат еднакво за сите поради што и не треба да се доведуваме во ситуација цената на трудот на лекарите од јавниот сектор да биде платена, додека од оние во приватниот сектор да се очекува да работат бесплатно.
Се работи за неусогласенот на информации меѓу матичните лекари, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести која го дава предлогот, вели министерот Сали. Смирува дека не е докрај разбран пилот предлогот на Комисијата. За сега се размислува само за Скопје, за овие пет Ковид амбуланти доколку состојбатта стане алармантна, не и во другите градови, додава Сали.
- Скопје располага со 553 тима на примарно ниво. Доколку овие пет точки би држеле по две смени во денот секој ден по шест часа. Тоа значи една амбуланта да има одговорни 100 тима. За една амбуланта тоа значи 50 дена е циркулација на еден тим. Значи еднаш на 50 дена шест часа. Да бидеме реални ние шест часа во текот на педесет дена трошиме за кафе. Зарем не би можеле да одговориме на една таква превентивна, позитивна мерка за заштита на населението од ширење на Ковид. Оправдување од типот ризикуваме со пациенти не се аргументи ние да се повлечеме од таа идеја, вели Сали.
Доколку се има предвид дека матичните лекари во текот на целата пандемија понесоа поголем дел од товарот и при тоа не добија соодветна поддршка, се вели во дописот на Комората, бараат да се преиспитаат дополнителни можности за ангажирање на лекарите од секундарното ниво на здравствена заштита, бидејќи според информациите кои ги објавува Комисијата за заштита од заразни заболувања во овој бран на ковид 19 нема зголемен број на пациенти на болничко лекување, што значи дека лекувањето се спроведува на примарно ниво кај матичните лекари, реагираат од Комората на матични лекари .
Нина Стефанова
