Во пожарите кои се активни веќе неколку дена на територијата на Грција над 550 пожарникари се обидуваат да интервенираат.
Трите големи пожари во Грција се во три различни делови на земјата, на Лезбос, на Пелопонез и кај Еврос.
Во областа Суфли кај Еврос во близина на Националниот парк Дадиа, пожарот избувна во четвртокот, а во текот на викендот откако огнената стихија се доближи до населени места, превентивно беа евакуирани жителите.
Интервенираат 320 пожарникар со 13 пешадиски тима, 68 возила, два авиони и четири хеликоптери, а помагаат и војската, полицијата, пожарникари волонтери, како и цистерни од општините.
Рано утрово, дождот го олесни гаснењето на пожарот и напорите да се спаси Националниот парк.
Во областа, од вчера е и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилианидис.
Вчера избувна пожар во западниот дел на Пелопонез во областа Илиа, во близина на античка Олимпија, а утрово интервенираат 159 пожарникар со седум пешадиски тима, 59 возила, четири авиони и четири хеликоптери.
Веќе трет ден, активен е и шумскиот пожар во јужниот дел на островот Лезбос во кој во саботата изгореа куќи, а превентивно беа евакуирани жители на селата во близина на приморското место Ватера.
Во гаснењето на пожарот интервенираат 83 пожарникари со пет пешадиски тима, 21 возило, шест авиони и два хеликоптери, а помагаат и пожарникари волонтери и цистерни од општините.
Во трите пожари предизвикана е и материјална штета со изгорена голема површина.
Рано утрово избија шумски пожари во Касандра и Ситонија на Халидики.
