Крајниот исток веќе еден месец е коронажариште, отакако првите случаи беа пред се млади луѓе, сега вирусот се шири во семејствата. Различна е возраста на заразените, а имаат и десет потешки случаи, кои се лекуваат во Ковид центрите.
Во моментов во Делчево и Македонска Каменица има над 80 заразени. За викендов имале лажна слика, заради малиот број на тестирања, но деновиве бројките се високи.
Точно напладне не е раздвижено низ улиците на Делчево. Мештаните велат дека едно е заради тоа што одамна голем број на семејства се иселиле , а втората причина е стравот од ширење на коронавирусот. И покрај апелите на делчевските здравствени работници, граѓаните што ги сретнавме на улица и покрај тоа што велат дека ги почитуваат мерките не ги носат маските.
Делчевскиот Здравствен дом се подготвува за есенскиот бран. Посебен оддел имаат за сомнителните, но и болните од коронавирусот. Со помош на МИнистерството за здравство овод одделе е опремен со нови кревети, а пациентите нема да патуваат до соседните градови или да се шетаат низ Здравствениот дом, додека ги чекаат резултатите или пак треба да ја примат терапијата.
Викторија Јованова