Оваа не е шпицата со која во Македонија се одбележа 4 мај, денот смртта на македонскиот револуцинер Гоце Делчев, туку шпицата со која започна и заврши дирекниот пренос на Бугарската национална телевизија од конференцијата под покровителство на бугарскиот претседател, Румен Радев, за добрососедските односи меѓу двете земји, со панел посветен историјата и Гоце Делчев. Додека во Бугарија денеска во чест на Делчев се повторуваа бугарските цревени линии кон земјава:
„Патот на Скопје кон ЕУ нема како да ја заобиколи Софија“, рече Радев.
Но и се повторуваа тезите за измислената македонска нација од југословенскиот режим, и тоа лично од првиот човек на бугарскиот тим во Комисијата за историски прашања, Ангел Димитров.
„Историската слика на новиот југословенски комунистички проект, постоењето на македонска нација со вековни државотворни традиции, е целосно политички производ“, изјави ангелов.
Македонските политичари денеска беа растрчани по најадалечените места од државава, оставајќи му на шефот на државата, Стево Пендаровски, да им ја спасува честа со полагање на цвеќе на гробот на најголемиот македонски револуционер. Индикативно е и тоа што во историските дебати кои изминативе денови се водат во Македонија за Гоце Делчев речиси целосно отсуствуваа историчарите чија специјалност е македонската револуционерна организација и Гоце Делчев.
Но додека во Македонија одбележувањето на Гоце Делчев и односите со Бугарија помина ниско под радарот на политичарите, од Софија пораките повторно беа многу јасни и прецизни.
„Јас сум за тоа да ја отвориме вратата за старт на преговорите кога ќе видам јасни гаранции за непроменлив и неповратен процес за заштита на нашето културно и историско наслество. Промената на Уставот и впишувањето на еден збор, едно единствено зборче, „Бугари“ во редот со другите делови од народот, означува прием на европската идеа“, изјави Радев.
Радев притоа се пожали дека како земја-членка на ЕУ траат голем притисок да ја кренат рампата, повеќе отколку што се притиска Македонија, но со повторување на ставот дека деблокадата ќе се случи кога ќе се постигне договор, а не поради наметнати рокови однадвор.
Понепријатни и подиректни од оние за политичарите, беа пораките испратени на сметка на македонскиот тим од Историската комисија, кои неа обвинети дека се политички индокринирани, непрофесионални и неспособни.
„Со тоа се заштитува неприфатливата за Бугарија линија на интерпретација на минатото, линијата на образование и на моделирање на јавните ставови во духот на антибугарскиот македонски национализам. Подвлекувам – национализам“, рече Ангелов.
Ваките пораки од Бугарија пак фрлија сенка врз оценката изнесена деновиве од македонската влада дека соработката со Бугарија е конструктивна и се движи во добра насока, а во чии рамки е и работата на Историската комисија. Инаку од македонската влада денеска за Телма информираа дека работата на работните групи меѓу двете земји се одвива според предвиденото темпо и оти последна средба имала работната група за инфраструктура, на 14 април, а претходно состанок одржала работната група за Европската унија.
Тамара Грнчароска
