По повеќе од три часа преговори, СОНК и Владата успеаја да договорат 12 процентно зголемување на платите на просветните работници, што е за 6,4 отсто помалку од првичните барања на Синдикатот за образование, наука и култура.
Претседателот на синдикатот, Јаким Неделков рече дека зголемувањето на платите во основото и средно образование, како и во градинките ќе биде од месец јули, а штрајкот би требало да заврши утре, по консултација на членството на СОНК за договореното со Владата.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека три и пол часа разговарале со претставниците на СОНК и се надева дека од среда децата ќе се вратат во градинките и во училиштата, а родителите ќе можат да продолжат на работа.Тренчевска тврди дека со новото зголемување на платите на просветните работници, државата нема да влезе во дополнителна инфлација и нема да се кратат средства од други буџети.
И министерот за образование Јетон Шаќири изрази задоволство од постигнатиот договор, а за сите детали околу учебната година ќе се знае во наредните денови.
СОНК од 11 април организира генерален штрајк за повисоки плати на своите вработени, а учениците веќе трета недела не посетуваат настава. Од Владата првично понудија зголемување на платите од 10 отсто, понуда што СОНК ја одби.
На денешната средба во Владата учествуваше и Сусан Флокен, директор на Европската конфедерација на синдикати на обраованието, која претходно изјави дека е дојдена во Скопје за да изрази целосна поддршка за СОНК и да му даде поддршка во изнаоѓање на решение во преговорите со Владата.
Мартин Николовски
