И денешната средба меѓу претставниците на Владата и СОНК, на петиот ден од штрајкот, заврши без резултат. Советот на СОНК не добил конкретен предлог за покачување на платите и затоа до крајот на викендот треба да одлучи за главното барање од владата, за ставање на штрајкот во мирување, во интерес на враќањето на учениците во клупите и нормалното функционирање на градинките. Ова го кажа претседателот на СОНК по средбата во владата на која присуствувал и премиерот Ковачевски и министрите за образование и за труд и социјална политика.
Добивме некои информации кои што повторно не се поврзани со утврдување процент . Сега Советот на СОНК ќе расправа во однос на расправите што ги имавме во владата. И ќе дадеме насоки во однос на членството за изјаснување за главното барање од Владата , во интерес на учениците и децата во градинките штрајкот да се стави во мирување, се додека за 2-3 дена конечно не се дефинира нивниот предлог, а нашето прифаќање или отфрлање, изјави Неделков.
Додека трае неизвесноста, дали штрајкот на СОНК ќе продолжи од понеделник или не, во некои училишта започна постапката за ангажирање заменски наставници преку Заводот за вработување. Од синдикатот апелираат до родителите да размислат дали ќе ги пуштат децата кај заменските наставници зашто велат дека нивната психофизичка состојба нема да се провери.
Јас сум шокиран од тоа што за приемот нема да се бара за овие наставници ниту потврда за неосудуван, ниту лекарско уверение дека се психофизички здрави. Можеби тој завршил Педагошка академија, меѓутоа во меѓувреме нешто се случило. Можеби не е за настава, смета Влатко Костовски-претседател на синдикална организација при СОНК во ОУ „ Мирче Ацев“- Оштина Ѓорче Петров.
Штрајкот на СОНК разбуди вандалски пориви кај поединци. Ишарани се ѕидовите на градинката „ Детелинка“ во Ѓорче Петров со невешт текст „ СОНК-убијци на деца“. Градоначалникот Стојкоски случајот го пријавил во МВР и очекува да биде откриен и казнет сторителот.
Владата останува во контакт со СОНК во текот на викендот за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за зголемување на платите во образованието и предучилиштото воспитување. На состанок станало збор и за започнување дијалог со синдикатот за трајно решавање на растот на платите, велат од Владата.
Сотир Трајков
