Вести Најважни Свет

Киев и Москва разменуваат обвиненија за лажни вести и воени злосторства во Буча

Сите воени злосторста извршени од руските окупатори ќе бидат регистрирани и потврдени со цел да поставиме правна основа за целосна и транспарентна истрага што е можно поскоро, изјави Украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Според него најмалку 300 убиени цивили биле пронајдени во Буча, северното предградие на Киев, по повлекувањето на руските сили од овој регион.

Голем дел од безживотните тела на убиените цивили, биле застрелани во главите одблиску и со рацете врзани зад грб.

Тој ја обвини Москва дека започнала сега и со кампања на лаги и дезинформации за да ја скрие својата вина за извршените злосторства.

„Тие веќе започнаа со кампањата на лаги за да ја скријат својата вина за масовни убиства на цивилите во Мариупол. Тие прават десетици монтирани интервјуа, монтирани снимки. Намерно ќе ги убиваат луѓето на начин да изгледа дека биле убиени од некој друг. Веројатно, окупаторите ќе се обидат да ги скријат трагите на своите злосторства. Тоа не им успеа во Буча кога се повлекуваа, но може ќе им успее на другите територии“, изјави Зеленски.

Русија го обвини западот и власта во Киев дека промовираат лажни вести во медиумите за наводните злосторства на руската армија во Буча и други места , со цел таа да се дискредитира и дехуманизира и да се изврши политички притисок врз официјална Москва.

Според рускиот амбасадор во Обединетите Нации, Василиј Небензија, вистинската цел на оваа лажна медиумска војна против руските сили е да се подготви теренот за вистинските воени злосторствата кои би ги извршиле украинските сили, против локалните жители кои не го поддржуваат режимот во Киев.

Небензија тврди и дека Русија има конкретни докази за своите тврдења, кои ќе ги презентираат пред Советот за безбедност, што е можно поскоро.

Грозморните снимки од телата на убиени цивили на улиците во Буча ја шокираа меѓународната јавност, но повлекувањето на руските сили северно од Киев во Белорусија се толкува како подготовка за нова голема офанзива во источниот дел од Украина, за преземање на контролата во сепаратистичкиот регион Донбас.

Според проценките, руските сили ќе се опремат со нов воен арсенал, опрема и најверојатно ќе се засилат со нови единици пред да ги интензивираат нападите во Донбас. Кон овој регион во офанзива тргнале и дел од трупи стационирани северно од Мариупол, речиси целосно уништениот град на југот од Украина.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна дел од надстрешница на „Кнез Михајлова“

Дејан Дејан

Пред два месеци заврши тендерот за инсулин, а уште немаме терапија, реагираат дијабетичарите

Дејан Дејан

Ирак: Осум турски војници починаа од труење со метан гас

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе