Иако ја поддржуваат граѓанската иницијатива Тетово да добие градски парк, сепак тетовските советници гледаат проблеми за нејзина реализација.
Според претседателот на Советот, Бесар Дурмиши, проблем претставува експропријацијата на приватното земјиште кое се наоѓа на урбанистичките блокови кои Иницијативата ги предлага да се пренаменат во намена Д, т.е. зеленило.
Независниот советник, Хамди Сулејмани, кој е претседател на Комисијата за урбанизам, вели иницијатива е одлична, но заради имотно-правните односи е долготраен процес, поради што треба поддршка и од центалната власт.
Од Иницијативата велат дека делумно ги разочарува што во очите на советниците повеќе доминираат пречките и изговорите, но сметаат дека нивната поддршка остава простор за успех.
Иницијативата „Тетово сака парк“ граѓанскиот предлог, потпишан од над 60 интелектуалци, до Општината го поднесе на 21 февруари, додека истиот го поддржаа и над 3 000 граѓани на онлајн петиција. Бараат да се направи вистински парк во градот познат по аерозагадувањето и градежната експанзија, затоа што сега има 0,2 m² парковска површина по жител, а според СЗО треба да бидат 9 метри квадратни по жител.
Данијела Билбилоска
