Битката со крадците, дрвокрадците и граѓаните кои градат нелегално ќе се води координирано и со зголемен број на комунални редари, но и тимов кои ќе прават почести контроли во штипските населби, ова е еден од заклучоците на Советот за превенција.
Надлежните институции акцент ставија и на кражбите на струја и вода.
Советот за првпат јавно дебатираше, откако пред пред три дена штипскиот градоначалник со медиумите налетаа на дрвокрадци во месноста Мирјанина црква.
На советот за превенција испливаа и проблемите на институциите кои треба да ја спречат нелегалната сеча на дрвата во штипскиот регион, но и да се спречи нелегалната градба.
Од шумска полиција посочија дека ингеренции имаат за три општини, а имаат само деветмина шумски полицајци, додека и едното возило што го имаат им е нерегистрирано и им стои паркирано.
Затоа секогаш во акциите им помагаат вработени во Полициската станица.
„На потегот меѓу Мирјанина црква и Шашаварлија запленети се стотици запрежни коли, стари автомобили, пили и огревни дрва. Нема веќе место каде да ги чуваме бидејќи ни Агенцијата за управување со одземен имот не знае што да прави со нив. Поднесени се стотици пријави, многу често и против непознат сторител, бидејќи бегаат. Но имаме и сторители што имаат и по 50 прекршочни пријави“, велат од Шумската полиција-Штип
Градежните инспектори кои одат сами на терен забележале дека населбата Мирјанина црква масовно се населува со луѓе од други општини. Дивоградби градат поимотни лица, а при нивното легитимирање за да се запише на чие име е нелегалниот објект едно лице им приложува и по неколку лични карти, со различно име и презиме.
Од штипското комунално претпријатие пак се пожаилија дека нивните вработени одбиваат да одат на терен во неколку штипски населби за да откриваат дивиприклучоци, бидејќи се плашат од физички напади и загрозување на нивната безбедност.
Меѓу проблемите е и немање на соодветна локација за складирање на запленатите дрва, возила и останати предмети.
Јорданов најави дека за проблемот ќе разговарат и со други општини што се соочуваат со исти проблеми, за да делуваат координирано на терен.
Викторија Јованова
